Прекрасните облаци на Титан

Истражувачите што работат на вселенското летало Касини на НАСА, на 29-30 октомври биле сведоци на облаци од метан како поминуваат преку северниот регион на Титан – најголемата месечина на Сатурн, и од ова направиле извонредно видео.

Со помош на ова видео истражувачите се надеваат дека ќе добијат подобра претстава за климата на месечината – задача на која работат откако леталото Касини беше лансирано во 1999 година, а пристигна на Сатурн во 2004 година.

Во видеото можат да се види како се формираат облаци од метан и се движат над површината на месечината со брзина од 7 до 10 метри во секунда, пред да исчезнат. Многу наликуваат на облаците што може да се видат на Земјата.

„Над регионот со малите езера исто така има мали облаци посеверно, кои бледнеат во текот на филмот. Групите од мали облаци се движат со брзина од околу 1 до 2 метри во секунда“ – велат истражувачите од Касини.

Иако видеото трае само 59 секунди, тоа е кулминација на 11-часовно снимање, каде секоја рамка одделно е снимена на секои 20 минути.

Досега, ова видео е најдобрата опсервација за обемот на облаците што ја постигнале истражувачите, што им обезбедува клучни податоци за откривање на климатските тајни на Титан.

Всушност, оваа опсервација веќе пополнува некои нејаснотии за оваа месечина. Истражувачите предвидуваа дека за време на раниот период од летото, на северот се јавува голема покривка од облаци, меѓутоа, новите снимки покажуваат дека тоа не е случај.

Целосната слика за климатскиот модел на оваа месечина е важна, бидејќи истражувачите сметаат дека на Титан може потенцијално да има вонземни микроорганизми кои опстануваат во атмосфера базирана на метан.

Фактички Титан е толку ветувачко место за можен вонземен живот, што НАСА планира во 2038 година таму да испрати автономна подморница што ќе ги истражува реките и морињата.(прочитајте повеќе на енаука.мк)

Касини ќе продолжи да ги мониторира сезонските промени на Титан и во текот на 2017 година, до летната рамноденица на северната хемисфера на месечината. Со тоа, леталото ќе остане девет години подолго од првично планираното, а според истражувачите тоа ќе биде уништено во септември кога ќе биде урнато на Сатурн.

Да се надеваме дека пред крајот на својата мисија Касини ќе ни ги открие тајните за климата на Титан и ќе создаде покомплетна слика за најинтересната месечина во нашиот Сончев систем.

Поддржете ја нашата работа: