Причини за нередовна менструација кај жените

Под нормални околности, менструацијата се случува на секои 28 дена, а кај некои жени може да биде повеќе или помалку честа. Менструацијата продолжува се додека жените не достигнат менопауза, а тоа се случува просечно на нивна 51-годишна возраст. Пред оваа возраст, може да постојат голем број на причини за една жена да нема менструален циклус.

Доколку сакате да забремените тогаш отсуството на циклусот е навистина добра вест, но во спротивно може да претставува причина за загриженост.

Отсуството на меструалниот циклус кај жените во репродуктивна возраст е познато како аменореа. Понекогаш после еден месец циклусот се враќа во нормала, но доколку не се случи тоа, после еден или два неправилни циклуса, жените треба да посетат доктор бидејќи може да се работи за некоја посериозна медицинска состојба.

Синдромот на полицистични јајници влијае на 5 до 10% од женската популација. Го предизвикуваат цисти на јајниците, кои иако не се штетни, може да предизвикаат хормонална нерамнотежа во телото што може да доведе до нередовна или неправилна менструација. Така менструацијата може да се јавува на секои две недели, на секои 3 до 6 месеци или пак само еднаш во годината. Докторите ги советуваат жените да побараат медицинска помош доколку нивната менструација доаѓа почесто од секој 21 ден или поретко од секои 45 дена.

Во некои случаи, некои лекови, како на пример апчињата за контацепција, аспиринот или ибупрофенот, може да ги променат хормоните во телото што го регулираат менструалниот циклус.

Покрај тоа, и мастите во телото имаат важна улога во регулацијата на менструацијата. Премалото количество на масти во телото, како на пример во случаите на анорексија, може да доведе до целосно престанување на циклусот. Жените со индекс на телесна маса под 20 најчесто имаат нерегуларна менструација. Атлетската аменореа, која е предизвикана од преголемо вежбање, е честа кај жените спортисти. Преголемото вежбање и драстичната промена на тежината ги намалува мастите во телото, што предизвикува намалено производство на хормонот лептин кој го регулира складирањето на мастите, што резултира со нередовни циклуси.

Исто така и стресот може да предизвика и физичка и ментална штета на многу телесни функции, вклучувајќи ја и менструацијата. Кога телото е под стрес, испраќа сигнали до мозокот да престане да ослободува естроген и прогестерон, кои се потребни за менструацијата.

Неправилното функционирање на тироидната жлезда е една од најчестите причини за неправилни и нередовни циклуси. Други хормонални причини може да вклучуваат слаба контрола на дијабетес мелитус, предвремена оваријална инсуфициенција и Кушингов синдром- болест која ја предизвикува високото ниво на хормонот кортизол.

Во секој случај, задолжителна е посета на доктор. Покрај тоа, избалансираната исхрана, вежбањето, како и хормонската терапија може да помогнат во регулирањето на менструалниот циклус.

Преземено од „Medical Daily“.

Поддржете ја нашата работа: