Пристигнува „Ел Нињо“

Сега, научниците велат дека е на пат кон тропскиот Пацифик. Бирото за метеорологија на Австралија предвидува дека ова може да стане суштински настан во текот на годината.

Ел Нињо е се’ уште во рана фаза, но има потенцијал да предизвика екстремни временски услови низ светот, велат метеоролозите. Тие истакнуваат дека може да се засили од септември, но се’ уште е рано за со сигурност да се утврди колку силен може да биде.

„Секогаш постои сомнеж кога се работи за предвидување на инензитетот, но во склоп на моделите како целина, ова ќе биде доста значителен Ел Нињо ефект“, вели Дејвид Џонс, раководител за следење и превидување на климата во Бирото за метеорологија.

Ел Нињо доаѓа на секои две до седум години, како дел од природниот циклус. Секој Ел Нињо е различен, и откако ќе започне, моделите со разумно ниво на прецизност може да предвидат како ќе се развива во текот на следните шест до девет месеци.

Како може да се предвиди Ел Нињо?
Во тропскиот Пацифик, научниците имаат мрежа пловци кои ја мерат температурата на водата, струите и ветерот. Овие податоци, заедно со други информации од сателити и метеоролошки набљудувања се внесуваат во компјутерски модели дизајнирани за да го предвидат Ел Нињо. Но сепак, моделите не можат прецизно да го предвидат траењето и интензитетот, или пак областите кои ќе бидат погодени, повеќе од неколку месеци. Истражувачите се обидуваат да ги подобрат моделите и опсервациите за да овозможат што е можно порано известување.

Пред пет години, имаше силен Ел Нињо ефект поврзан со мосуни во југоисточна Азија, суши во јужна Австралија, Филипини и Еквадор, снежни виулици во САД, топлотни бранови во Бразил и екстремни поплави во Мексико. Уште еден силен ефект се очекуваше минатата година поради рекордните температури, но не успеа да се материјализира. Истражувачите велат дека во текот на летото ќе дознаеме дали оваа година ќе биде различна. Тие истакнуваат дека со зголемувањето на глобалните температури се зголемуваат и шансите за екстремни Ел Нињо настани.

Поддржете ја нашата работа: