Производи против стареење на кожата – вистина или мит?

Од борбата со слободните радикали до стимулирањето на природниот колаген на кожата, производите против стареење даваат многу примамливи ветувања, додека потрошувачите трошат многу пари на разни креми, лосиони и слично.

За многу такви производи кои ветуваат намалување на брчките и забавување на предвремено стареење, всушност не постојат доволно докази за да се каже дека навистина делуваат.

Иако одредени активни состојки, користени во производите против стареење покажале ефикасност, не е лесно да се најде производ кој ќе има вистински ефект, велат експертите. Прочитајте за петте вообичаени состојки и научни докази за тоа дали имаат улога во намалувањето на знаци на стареење.

Пептиди

Со стареењето кожата станува потенка и ги губи масните клетки, што предизвикува опуштање и појава на брчки. Телото произведува помалку колаген и еластин – супстанци кои на кожата и овозможуваат да остане мека и свежа. Пептидите се малечки протеини кои го стимулираат растот на клетките и помагаат во зацелување на клетките на кожата.

За пептидите сеуште не се знае од какво биолошко значење се за кожата. Иако пептиди има во доста козметички производи, експертите не се сеуште сигурни која формула делува. Ако пептидите делуваат, тоа го прават така што ги стимулираат еластинот, колагенот и други компоненти кои се губат во текот на стареењето.

Зависно од формулацијата на пептидот, некои креми не продираат доволно длабоко во кожата за да се добие посакуваниот ефект. Некои експерти сметаат дека пептидите се добри за хидратација на кожата, но цврсти докази дека помагаат при борбата со брчки, нема.

АХА киселини

Алфа хидроксилната киселина како млечната, гликолната и лимонската киселина, се природни состојки кои стигнуваат од овошје и млечен шеќер. АХА киселините служат како ексфолијанти кои ги чистат мртвите клетки од нашата кожа со цел да го дозволат растот на нови, и така го забрзуваат циклусот на измена на кожата.

Секоја од овие киселини има малку поинаков ефект. Млечната киселина помага при отстранување на мртвите клетки и и дава сјај на кожата. Само гликолната киселина помага при редуцирање на ситни брчки. Сепак несакани ефекти постојат, како што се чуство на затегнатост и чувствителност на сонце.

Ретинол

Постојат многу докази дека ретинолот го забавува стареењето. За поефикасен ефект-третиноин, се продава под називот Ретин-А само на рецепт. Таквите силни производи имаат повеќе несакани ефекти како печење на кожата и трнење. Бремените жени не смеат да го користат бидејќи го зголемува ризикот од оштетувања кај децата.

Ресвератол

Ресвератолот е вид на природен фенол, растителна компонента која ја има во црвеното вино. Некои научници велат дека може да помогне и при хронични здравствени проблеми како дијабетес и срцеви болести.

Една студија од 2008ма година тврди дека оваа состојка го забавува стареењето кај лабораториски глувци, а студијата од октомври, минатата година покажа дека жените кои земале дневно по 75 милиграми ресвератол, немале никаква корист за подолг период.

Антиоксиданси

Антиоксидансите се препорачуваат за сите возрасти, на активни спортисти и рекреативци, на деловни луѓе, на сите кои прележале тешки заболувања, но иако на некои производи пишува дека нивниот состав е природен, тоа не значи дека се ефективни.

 

Поддржете ја нашата работа: