Тешките мигрени може да бидат навистина исцрпувачки, но, едно ново истражување покажува дека исхраната која вклучува мало ниво на јаглехидрати може да биде одговорот за избегнување на страшните главоболки кои доаѓаат со нив.
Со намалувањето на јаглехидратите, оваа исхрана го поттикнува телото да произведува кетонски тела – молекули растворливи во вода кои се помалку сложени и воспалителни од глукозата којашто обично се создава, па научниците сметаат дека тоа би можело да биде причината зошто има големо намалување на мигрените.
Истражувачите од Универзитетот во Рим вклучиле 96 жени во ова шест-месечно истражување, од кои сите страдале од мигрена и веќе посетиле нутриционист за да им помогне во губењето на телесната тежина. 45 од жените во групата следеле многу ниско калорична кетогена исхрана за еден месец, па потоа се префрлиле на страндардната ниско калорична, додека пак останатите цело време се придржувале до стандардната.
И кај двете групи имало намалување на фреквенцијата на нивните главоболки, но сепак намалувањето било поголемо кај тие на кетогена исхрана. Кога тие се префрлиле на стандардната исхрана бројот на мигрени се зголемил – иако тие се случувале поретко отколку пред почетокот на истражувањето.
По само еден месец, оние жени кои биле на кетогена исхрана имале во просек 0,91 ден месечно со главоболка, во споредба со 5,11 дена пред почетокот на третманот. Нападите биле поретки, и исто така и пократки.
Оваа кетогена исхрана не е ништо ново – користена е и претходно за лекување на епилепсија кај децата и губење на тежината. Експертите ја опишуваат како благ режим на гладување на телото, со што тоа ги прераспоредува своите ресурси и овозможува многу побрз пристап до резервите со масти.
Сепак треба да се земат предвид и потенцијалните несакани ефекти, како што се заморот и мачнината, па затоа најдобро е секогаш да се консултирате со вашиот доктор.
И покрај поврзаноста помеѓу кетонските тела и намалената мигрена во ова истражување, научниците велат дека се потребни повеќе истражувања бидејќи може да има и други фактори кои влијаат на хемиските реакции кои ги предизвикува исхраната од тој вид на организмот.
Се разбира, додека чекаме да се направат повеќе истражувања, ова претставува олеснување за една милијарда и повеќе луѓе во светот кои се соочуваат со мигрена.