Новите анализи за глобалната распространетост на шумите „откриле“ 476 милиони хектари претходно неоткриени шуми. Тоа е површина еднква на 60 проценти од големината на Австралија.
Со ова откритие се зголемува глобалната покриеност со шуми за околу девет проценти што значително ќе ги промени проценките за тоа колку јаглерод се складира во растенијата ширум светот.
Шуми се откриени со анализа на новите сателитските снимки и техники за мапирање на „сушните предели“ кои се нарекуваат така бидејќи многу повеќе вода губат преку метаболизмот на растенијата и испарувањата од тоа што се надокнадува со врнежите. Новите анализи покажале дека сепак, во тие сушни предели се наоѓаат 45 проценти повеќе растенија отколку што се сметаше порано.
Новооткриени шуми научниците откриле на сите делови на населените континенти, но главно во суб-сахарска Африка, околу Медитеранот, централниот дел на Индија, крајбрежието на Австралија, западниот дел на Јужна Америка, североисточен Бразил, северна Колумбија и Венецуела и северните делови во Канада и Русија.
во Африка, после анализата двојно е зголемена површината под шума во сушните предели.
Со оглед на тоа дека се покажало дека сушните предели, кои завземаат 40 проценти од површината на Земјата, имаат поголем капацитет за одржување на растителниот свет и се борат против нивото на јаглеродниот диоксид во атмсферата, следењето на нивните шуми е од клучна важност за екологијата, истакнуваат научниците во студијата што е објавена во списанието „Science“.
Според студијата, со ова се зголемуваат проценките за вкупниот јаглерод складиран во шумите за помеѓу 15 гигатони и 158 гигатони, што е пораст за два, одосно 20 проценти во однос на претходните проценки.