За првпат е потврдено присуство на смарагдниот јасенов поткорник во Европската Унија, откако примероци од овој инвазивен инсект биле регистрирани во Унгарија и Словачка. Станува збор за бумбарест вид со потекло од Азија, познат по тоа што предизвикува големи штети кај јасеновите дрвја.
Словачките власти соопштија дека во јули биле пронајдени 18 единки во источниот дел на земјата, во округот Стреда над Бодрогом. Во Унгарија, пак, во јуни биле фатени две возрасни единки во шума кај Берегшуран, во близина на границата со Украина.
Надлежните институции предупредуваат дека овој инсект е меѓу најопасните штетници за јасенот. Ларвите се развиваат под кората и создаваат канали што го нарушуваат преносот на вода и хранливи материи, поради што дрвјата постепено слабеат и умираат.
Смарагдниот јасенов поткорник веќе предизвика масовно пропаѓање на јасенови шуми во САД и Канада, а штети се бележат и во делови од Источна Европа. Поради тоа, неговото појавување во ЕУ се смета за сериозен ризик за шумските екосистеми, урбаното зеленило и управувањето со растителното здравје.
Унгарските власти најавија поставување дополнителни стапици и засилен мониторинг за да се утврди колку е проширен инсектот. Воедно, граѓаните се повикани да пријавуваат дрвја со сомнителни симптоми, како сушење на крошната, оштетена кора и знаци на напад од инсекти.
Унгарија побара прашањето да се отвори и на ниво на Европската Унија, на следниот состанок на министрите за земјоделство. Главната цел сега е да се спречи трајно населување на видот и негово понатамошно ширење низ европските шуми.
































