Кинески робот за прв пат вградил вештачки заб кај жена без помош од човек, се вели во извештајот на списанието South China Morning Post.
Современиот стоматолошки имплант претставува титаниум завртка која се навртува во коската на вилицата и зраснува во неа, и служи како замена за коренот на изгубени или исчезнати заби. Стоматолошки импланти се идеална опција за пациенти со добра орална хигиена, таму каде што има загуба на забите поради периодонтитис, неуспешен третман, траума или некоја друга причина.
Роботот кој е направен од страна на научниците од Универзитетот Беиханг во Пекинг и стоматолошката болница при Четвртиот воен медицински универзитет, ориентиран е во согласност со положбата на главата и устата на пациентот, а пред самиот чин му е дадена серија од инструкции – движења, агли и длабочина за правилно вметнување.
После неопходните тестови и анализи, научниците преминале на операција. На роботот му било потребно околу еден час да вгради 3Д печатен заб, прилагодувајќи се на движењата на пациентот за време на целата постапка.
Експертите кои ја набљудувале целата постапка велат дека имплантите се вградени во рамките на дозволените грешки (во согласност со стандардите за прецизност, потребни за такви операции) од 0,2 – 0,3 милиметри.
Целата постапка е изведена без никаква помош од медицински лица кои ја следеле операцијата. Д-р. Жао Јимин, вработен во болницата вели дека роботот поседува знаење на доктор во комбинација со технологија, а целта е да се избегнат грешки кои настануваат поради постапките на човекот.
Роботите биле ефикасни и како асистенти. Претходно, во март ФДА го одобри Yomi – роботскиот систем кој е дизајниран за асистирање при постапката за дентално имплантирање. Роботот кој самостојно може да изведува ваква операција со голема прецизност, може да ги подобри работите на целосно ново ниво, посебно во земји како што е Кина, каде што е тешко да се пронајдат квалификувани стоматолози.
Се поставува прашањето дали идејата за користење на роботи при изведување на операции е навистина генијална, бидејќи една студија од 2015та го носи податокот за 144 смртни случаеви кај пациенти поради користење на роботи. Дали бројката може да се зголеми и дали ни претстои сигурна иднина?