Роботи кои сами се поправаат

Едно ново истражување што беше објавено во списанието „Nature“,  опишува како роботите сами ја санираат повредата, за помалку од две минути.

На видеото, каде е прикажан овој труд, се гледа робот кој има шест нозе, кој продолжува да оди и кога две од неговите нозе се скршени. Исто така се гледа роботска рака, која знае како правилно да го постави предметот, дури и кога неколку мотори и се расипани.

Истражувањето е направено од научниците од Институтот Пјер и Марија Кири од Франција, во соработка со научниците од Универзитетот во Вајоминг.

„Животните, за разлика од роботите, имаат извонредна способност да се адаптираат на повреда. Постојат кучиња со само три нозе, кои многу бргу се адаптираат на состојбата и знаат како да фатат предмет, или ако го исчашите зглобот на ногата, многу брзо наоѓате начин како да продолжите да одите и покрај повредата“ – велат научниците. Овие биолошки механизми биле инспирација за научниците.

Пред да почне да работи, роботот користи компјутерска симулација на самиот себе за да создаде детална мапа на обемот на можното однесување. Оваа мапа ја претставува „интуицијата“ на роботот за различните однесувања што тој може да ги изведува и да ја процени нивната важност. Ако роботот се оштети, тој ги користи овие интуиции и со помош на алгоритам, брзо открива кое однесување ќе го компензира оштетувањето и ќе функционира и покрај оштетувањето. Овој нов алгоритам е наречен „Интелигентни обиди и грешки“

„Кога роботот ќе се расипе, тој дејствува како научник. Тој има претходни очекувања во врска со различните однесувања кои може да функционираат и почнува да ги тестира. Овие предвидувања се симулации од неоштетен робот и роботот треба да открие кои од нив функционираат, не само во реалноста, туку и при одредено оштетување“– објаснуваат истражувачите.

„Секое однесување што роботот го пробува е како експеримент и ако не успее, тој е доволно интелигентен да го исклучи целиот начин на однесување и да проба нов. На пример, ако додека  работи повеќе ги користи задните нозе и тие не функционираат добро, роботот ќе се обиде да работи повеќе со предните нозе. Изненедувачки е колку брзо роботот може да научи да оди на друг начин“.

Истиот алгоритам му овозможува на роботот да се адаптира на непредвидени ситуации, вклучувајќи и адаптација на нова средина и креирање на ново однесување.

Истражувачите објаснуваат дека алгоритамот „Интелигентни обиди и грешки“ вклучува два чекори: (1) креирање на мапа на однесување и (2) адаптација на новонастаната ситуација.

Оваа нова техника ќе овозможи создавање на посилни поефикасни роботи кои ќе може самостојно да функционираат.

„Ова ќе овозможи создавање на роботи кои ќе помагаат во спасувачки мисии, без да има потреба постојано да се надгледуваат, а исто така ќе го олени креирањето на персонални роботи-асистенти, кои ќе продолжат со работа и во случај некој дел да им се расипе“– истакнуваат научниците.


Поддржете ја нашата работа: