Роботите како идеја веќе ни станаа секојдневие, но еден ден ќе имаме паметна, реактивна вештачка интелигенција која ќе биде во состојба да учи, а доста ќе помогне и во здравството, и во откривање на мистериите на вселената, побрзо отколку што самите ние би можеле било што да откриеме.
Во меѓувреме, добивме робо-свештеник.
Наречен BlessU-2, овој робот е помалку непријатна појава, но може да ви даде благослов и тоа на јазик на кој вие сакате. Треба само на екранот со допир да одберете јазик, глас, машки или женски, па дури и видот на благослов.
Откако полека ќе ја подигне раката, дланките треба да му светнат, а потоа да го примите посакуваниот благослов. На крајот, ако сакате, можете да добиете и копија од благословот во печатена форма за да си ја земете со себе.
Стефан Кребс, од Протестантската црква во Хесен и Насау, изјави дека овој робот е направен со цел да ги наведе луѓето на дебата.
“Сакавме луѓето да размислат дали е возможно да ве благослови машина или е потребно човечко суштество“, вели тој. Научниците тврдат дека нивната цел не била да им укажуваат на свештениците дека се застарени, туку само сакаат да ја приближат теолошката перспектива поблиску до роботите.
Овој робот е претставен во Германија по повод 500 години од реформацијата. Се наоѓа во Витенберг, местото каде Мартин Лутер ги објавил своите 95 тези во 1517та година, што резултирало со раскол во Католичката црква.
Малку е веројатно дека овој робот ќе резултира со слична состојба, сепак се работи за робот, а не за паметна вештачка интелигенција, така што со роботот не можете да зборувате.