После долги 17 години работа, безброј одложувања и пречекорување на буџетот за 300%, сателитскиот навигациски систем Галилео конечно почна да работи.
Почетната услуга, која можат да ја користат бесплатно корисниците од целиот свет, моментално е достапна за ограничен број на мобилни и навигациски уреди. Оваа навигација имено, поддржува мал број на чипови, па за нејзина поширока употреба треба да почекаме додека производителите на чипови го прилагодат производството на новата ситуација на пазарот. На декои уреди им е потребна само софтверска надградба, додека сопствениците на „Aquarius X5 Plus“ и „Huawei Mate 9“ веќе одамна можат да го користат сервисот.
Во Земјината орбита моментално се наоѓаат 18 сателити на овој навигациски систем, поради што услугата би можела да биде повремено недостапна. Галилео би требало да заживее до 2020 година, со мрежа на сателити кои кружат околу Земјата на височина од 23.222 км.
Именуван по славниот италијански астроном Галилео Галилеј, проектот започнал во 1999 година како граѓанска служба на Европската унија. Вкупно проектот ќе брои 30 сателити, ќе биде најточен навигациски систем од кога и да било, и многу по прецизен од американскиот „GPS“. Тој, исто така претставува значаен стратешки чекор за ЕУ, која досега се потпираа на споменатото американско решение, кое е всушност воен сервис, делумно отворен за цивилна употреба.
Ваквите системи се од исклучително значење, тргнувајќи од банална потрага по ефтин ресторан, точна локација при патување, безбедни услови на патиштата, па се до работата на нуклеарните централи. Исто така нивната помош е непроценлива за време на мисиите при пребарување и спасување.
Галилео, се разбира, има конкуренција на пазарот: Сателитска навигација нуди и веќе споменатиот „GPS“, кој започна со работа во 1993 година, додека за цивилни цели е отворен пет години подоцна. Рускиот „GLONASS“ по ист принцип работи од 2011 година, додека на пазарот во 2018 година ќе влезе јапонскиот „MICHBIKI“. Две години подоцна ќе следи кинескиот „BEIDOU“, a во текот на следната деценија, индискиот „IRNSS“.