Француски официјални лица го отворија првиот соларен пат во регионот на Нормандија – пат долг 1 километар, покриен со 2.880 фотоволтаични панели.
Овој пат е наречен „Wattway“ и поминува низ малото гратче „Tourouvre-au-Perche“. Се очекува дека ќе се користи од страна на околу 2.000 возачи во текот на тест-период од две години, за да се види колку електрична енергија може да произведе.
Проектот е финансиран од Министерството за животна средина на Франција, а е остварен и изграден од инженерската фирма „Colas“.
Според првичните проценки, патот ќе генерира доволно енергија за да се напојуваат сите улични светилки во градот, или околу 767 киловат/часови дневно, 280 мегават/часови годишно.
Но, според критичарите, изградбата на овој соларен пат не се исплати, бидејќи се потрошени 5 милиони евра, што значи дека енергијата која ќе ја произведе патот ќе чини 14 пати повеќе отколку изградбата на соларни панели за покривите.
Цената за изградбата на овој пат се должи на неговата уникатна конструкција да ја издржува тежината на возилата и камионите кои постојано ќе поминуваат. За разлика од ова, сличните проекти, како што е соларната велосипедска патека во Холандија во 2014 година, треба само да ја издржи тежината на велосипедите и велосипедистите, поради што и изградбата е поевтина.
Покрај тоа, експертите велат дека концептите за соларни патишта не се комплетно практични како соларните панели на покривите, поради аголот на наклон поради кој соларните панели на покривите се во подобра позиција за сончевите зраци.
„Компанијата „Colas“ сака да ја намали цената за во следните неколку години да ја постигне целта на Франција да изгради соларен пат од 1000 километри, но дали тоа ќе се случи или не ќе зависи од овој пробен период на овој соларен пат.
Компанијата планира во 2017 година да направи слични тестирања на меѓународно ниво на околу 100 локации, но засега сите погледи се вперени во ова мало француско гратче во исчекување дали соларниот пат ќе ги исполни своите ветувања.