Овој настан предизвика бес на социјалните медиуми. Иако списанието “PLoS ONE“ се извини и авторите добија втора шанса, не се сите толку среќни.
Ваквите случаи сведочат за потребата списанијата да користат систем на отворена рецензија – процес во кој научниците го оценуваат квалитетот на работата на другите научници – така што рецензентите не може да се сокријат зад анонимноста. Но, тоа, исто така, покажува дека е време да се посветиме на распространетите предрасуди во универзитетите.
Рецензираните публикации се главната валута за академиците. На тој начин, научниците го известуваат светот за своите најнови истражувања. Одлуките за вработување и академскиот напредок во кариерата се носат врз основа на публикувани дела. Главна цел на рецензијата е контрола на квалитетот и средување на технички детали, пред трудот официјално да стане достапен за јавноста.
Сите имаме право на објективна и праведна рецензија. Речиси секој истражувач има несреќно искуство во тој процес.
Непријавени бројки?
Понекогаш гледаме драматични примери за небрежност. Во последниот случај, трудот кој ги истражува родовите предрасуди во академските трудови, чии автори се жени докторанти по општествени науки, беше одбиен од страна на “PLoS ONE“ врз основа на еден преглед. Прегледот беше тирада на нескриен сексизам, кој сугерира дека авторите погрешно ги протолкувале резултатите, бидејќи се жени: „Веројатно ќе биде од корист да соработуавте со машки колеги… за да се спречат толкувања кои понекогаш може да лебдат премногу далеку од емпириските докази.”
Во овој случај, потфрлија повеќе аспекти на процесот на рецензија. Академскиот уредник на кој му бил доделен трудот е имунолог, па со оглед на тоа дека темата е од општествените науки, се доведува во прашање експертизата на уредникот и способноста да се избере соодветен рецензент. Друг проблем е тоа што бил направен само еден преглед- обично се потребни 2 или 3 рецензенти за рамнотежа и објективност.
Со право, списанието излезе со извинување, трудот е вратен на разгледување, а уредникот и рецензентот се санкционирани.
И додека овој случај има среќен крај, многу од нив немаат. Негативни реакции во јавноста предизвика и фактот дека „Кралското друштво“ претходно оваа година додели само 2 од 43 грантови на жени. Се чини дека оваа пристрасност се влошува секоја година.
Поголемата слика
Овие последни примери сведочат за родовите прашања кои се секојдневие во академските институции, без разлика дали зборуваме за постапка за доделување на грант, вработување, менторство, препораки, плати, статии, па дури и повратни информации на студентот.
Исто така, знаеме дека родовите прашања се само врвот на ледениот брег – особено малку внимание се посветува на расната дискриминација. Има значително помалку студии за расна пристрасност во академските кругови. Постојат слични примери на сомнителна рецензија и докази за расизам едноставно врз основа на името.
Ваквите случаи мора да се земат предвид со цел да се подобри системот.
Многу списанија (вклучувајќи го иPLoS ONE) имаат „слеп“ систем на рецензија каде што рецензентот може да ги види имињата на авторите, но авторите не го знаат неговото. Во некои дисциплини, стандардно се употребува „двојно слепило“ каде што имињата на авторите се скриени од рецензентите.
Овој пристап теоретски решава дел од проблемите, но во пракса често е можно да го погодите авторот. Некои списанија сега нудат отворен преглед, каде рецензентите ги потпишуваат своите коментари и/или ги прават јавно достапни. Уште еден чекор е рецензија по објавувањето, каде што сите статии се за прв пат објавени, а потоа рецензијата се појавува во јавноста. Навистина “PLoS ONE“ неодамна објави дека нивната цел е да се движат кон систем за отворена транспарентна рецензија.
Покрај иновации во рецензијата, сите ние треба да се погледнеме во огледало. Системот се состои од поединци. Ние сме тие кои се пристрасни. Истражувањата покажуваат дека жените не се со помала веројатност да ги дискриминираат жените – и малцинствата не се со помала веројатност да имаат расни предрасуди.
Когнитивните предрасуди се толку бројни и универзални, па во најмала рака треба да се освестиме колку се всушност моќни. Онлајн тестовите на имплицитна пристрасност се одличен начин за развивање на самосвест. Институционалната обука и националните програми за справување со предрасуди несомнено ќе помогнат.
Во академските институции, силните хиерархии и непотизмот се поврзани со предрасудите. За побрза промена, секој од нас треба да дејствува како пример- признавање на сопствените грешки, повикувајќи се на оние на другите и следење на предрасудите во списанијата и институциите.
Влоговите се повисоки отколку што мислиме. Академските предрасуди можат да ги нарушат резултатите од истражувањето – па дури и да го оштетат здравјето на луѓето. Ако продолжиме да ги игнорираме предрасудите се лишуваме од наоди на различни групи на соработници. На крајот на краиштата, сите страдаат.
Би сакале да ги споделите Вашите мислења и искуства на темата. Дали во Р.Македонија постои дискриминација во академските институции? Дали низ раце ни се лизгаат гении, само поради нивнот пол, боја или име?