Сепарирање на клетките на ракот со помош на звук

„Да се откријат клетки од рак што циркулираат во примерок од крв е исто како да барате игла во пласт од сено. Обично овие циркулирачки клетки ги има една на милијарда крвни клетки во примерок од крв“ – велат истражувачите.

Постоечките методи на сепарација користат тумор-специфични антитела кои се врзуваат со клетките и ги изолираат, но за тоа е потребно соодветните антитела да бидат познати однапред, додека други методи се базираат на големината, изобличувањето или електричните својства на овие клетки. За разлика од конвенционалните методи на сепарација, каде сепарацијата се врши со центрифугирање на 3 000 вртежи во минута, за период од 10 минути, површните акустични бранови можат да ги сепарираат клетките на многу поблаг  начин, со едноставна и евтина направа.

Акустичните сепаратори не се инвазивни и не ги менуваат и не ги оштетуваат клетките. Но, за да бидат ефективни за клиничка употреба треба исто така да бидат брзи и лесно применливи.

Акустичниот сепаратор користи многу мала енергија за сепарација на клетките. Интензитетот на енергијата и фрекфенцијата што се користат се помали од таа што се користи кај ултразвучното снимање, кое е докажано дека не е штетно дури и за фетуси. Исто така, секоја клетка е изложена на акустичните бранови за само делови од секунда. Покрај тоа, не е потребно обележување или површинска модификација на клетките. Сите овие карактеристики ја прават акустичната сепарација – која уште ја нарекуваат и акустична пинцета, исклучително биокомпатибилна и овозможува овие циркулирачки клетки да ја задржат својата функција и природна состојба.

За да ја оптимизираат акустичната сепарација, истражувачите користеле два типа човечки канцерогени клетки – HELA клетки и MCF7 клетки, кои се слични по големина. Есперименталното сепарирање покажало стапка на сепарација повеќе од 83%.

Бидејќи овие уреди се наменети за работа со човечка крв, потребно е да бидат лесно достапни, па затоа истражувачите работат на изнаоѓање на можности за нивно масовно производство.

Лекарите би можеле да ги користат овие уреди за одредување на првичната дијагноза, за одредување на третман и прогноза, како и за следење на тоа како пациентите реагираат на хемотерапија.
 

Поддржете ја нашата работа: