Зошто некои луѓе изгледаат постари, а некои помлади од нивната вистинска старост? Одговорот на ова прашање можеби е клучот за помлад изглед на кожата.
Што вели науката? Што всушност ја старее кожата и што е уште поважно, што може да се стори во врска со тоа?
Познато е какви резултати дава пластичната хирургија, но еве што друго може да помогне, без да се оди „под нож“.
Што доведува до појава на брчки?
Кожата се состои од епидермис и дермис.
Епидермисот го сочинува надворешниот слој од кожата. Тоа е бариера што го штити телото од надворешното опкружување. Просечно, епидермисот целосно се обновува за околу 60 дена. Површните клетки постојано орожнуваат, отпаѓаат и се заменуваат со нови од подлабокиот слој од епидермисот. Со стареењето, потребно е подолго време епидермисот да се обнови, со што се појавуваат сѐ повеќе знаци на стареењето.
Дермисот има клучна улога во процесот на стареењето. Покрај останатите делови, содржи колаген и еластични влакна, кои кожата ја прават цврста, затегната и без брчки.
Количината на колагенот и еластичните влакна со годините се намалува, што заедно со намалувањето на поткожното масното ткиво, резултира со губиток на елестичноста, опуштеност на кожата и појава на брчки.
Колагенот формира 3Д мрежа од влакна и ја дава цврстината и еластичноста на кожата. Колагенот го создаваат фибробластите кои во младоста се цврсто вразни за колагенот, помагајќи и на кожата да не се опушти. До 40-тата година од животот телото многу ефикасно создава големи количини на колаген, но со стареењето, создавањето на колаген се успорува, врската помеѓу фибробластите и колагенот почнува да попушта, што доведува до појава на повеќе и подлабоки брчки.
Заштитете се од сонцето
Зошто?
На сите им е познат ризикот од изгорениците од сонце. Но тоа е само една од опасностите од сончевата светлина за кожата. Сончевата светлина содржи различни видови ултравиолетови (УВ) зраци. Ефектот што го имаат врз кожата зависи од нивната бранова должина. Изгорениците ги предизвикуваат УВБ-зраците.Тие се со кратка бранова должина, што значи дека можат да предизвикат изгореници на горниот слој од кожата, но не можат да продрат подлабоко, во епидермисот и дермисот. УВА зраците имаат многу поголема бранова должина и продираат многу подлабоко во кожата. Овие зраци го уништуваат колагенот, што доведува до појава на брчки.
Затоа е потребно кожата да се заштити и тоа не само при директно изложување на сонце. Поради својата подолга бранова должина УВА зраците можат да продрат и низ стакло, па затоа можат да и наштетат на кожата и кога се возите во автомобил на пример, или ако стоите до прозорец. Користете заштитни средства кои штитат од УВ зраците со висок СП фактор.
Хранете се правилно
Зошто?
Едноставно кажано, при секое вдишување, мали фракции од кислородот навлегуваат во клетките и ја напаѓаат ДНК. Овие нестабилни кислородни молекули се познати како слободни радикали. Штетата што ја предизвикуваат, особено на фибробластите, кои го создаваат колагенот, се акумулираат со време, а тоа води до појава на брчки.
Научниците се убедени дека со правилна исхрана може да се редуцираат штетите од слободните радикали. Затоа е потребно во исхраната да се следат неколку правила:
1. Намирници со светла боја
Доматот, на пример е голем извор на моќен антиоксидант наречен ликопен. Ликопенот му ја дава карактеристичната боја на доматот , но исто така е одличен за превенција на оксидативниот стрес кој го забрзува стареењето.
2. Овошје и зеленчук со горчлив вкус
Зеленчукот како што се брокулите и трупките се богати со антиоксидант наречен глукозинолат. Конзумирањето на овие намирници ја зголемува природната одбрана на кожата.
3. Мрсна риба
Главната состојка во мрсните риби, како што е скушата на пример, е Омега 3. Оваа масна киселина го ублажува воспалението во клетките од кожата и го намалува оксидативниот стрес.
Други животни навики, како пушењето, исто така го забрзуваат стареењето.
Внимавајте на нивото на шеќер во крвта
Научниците што ја истражувале врската помеѓу нивото на шеќер во крвта и стареењето на кожата , откриле дека луѓето со повисоко ниво на шеќер во крвта изгледаат , во просек за две години постари.
Вишокот на шеќер се врзува за колагенот во кожата. Тоа го прави колагенот по „кршлив“, што предизвикува кожата потешко да се регенерира. Резултат – повеќе брчки.
Редовната физичка активност и намалено внесување на јагленохидрати , ќе помогне да се избегне високото ниво на шеќер во крвта , а со тоа и неговиот негативен ефект врз кожата.
Секако, ако се работи за дијабетес, консултирајте го вашиот доктор.