Што ќе се случи ако откриеме вонземјани?

Пред педесет години, роботското истражување на нашиот сончев систем беше на самиот почеток. Во 1965 година, сондата „Маринер 4“ испрати податоци на Земјата кои покажуваа дека на Марс не постои вегетација, а уште помалку канали на површината, како што предвидуваа првите генерации на астрономи.

„Њујорк Тајмс“ во тоа време објави дека „Марс е мртва планета“, и дека шансите за каква било форма на живот се „бесконечно мали“.

Најпознатиот астроном и научник во тоа време, Карл Сејган тогаш се запрашал зошто медиумите побрзале со заклучокот „дека на Марс нема живот“. Одговорот, напишал тој, е поради чувството на „олеснување“. Пронаоѓање на живот надвор од Земјата, особено интелигентен живот, ќе ги урне нашите потајни надежи дека човекот е врв на Креацијата“.

17rlv7plskif8jpgНеодамна, теортскиот физичар Стивен Хокинг и рускиот милијардер Јури Милнер, објавија дека започнуваат со нов проект за потрага по вонземен живот надвор од нашиот Сончев систем. Во потрагата по вонземен живот се вложуваат многу напори и ресурси, но малку се размислува за последиците ако евентуално успееме во тоа. Дури и самиот Милнер, кој го финансира проектот, вели „малку е веројатно дека ќе пронајдеме нешто“. Но, што ако успееме во тоа? Што тогаш?

Да бидеме искрени, да се зборува за вонземјани изгледа по малку необично, дури и во академските кругови, каде се разгледуваат многу необични работи. Пребарувањата на Гугл за „вонземен живот“ изнесуваат околу 15.000, додека за споредба „генетските модификации“ имаат 800.000 пребарувања, „нанотехнологијата“ скоро 900.000, додека „климатските промени“ повеќе од 1600.000 пребарувања.

Проценката на технологиите и нивното влијание врз општеството се очигледно многу важни, но кога се работи за можно откривање на вонземски живот, изгледа дека не размислуваме многу.

Па што би требало да направиме?


За среќа имаме развиено различни институции и механизми за дискусија помеѓу експертите и јавноста за теми од науката и технологијата. Еден од водачите е Институтот Рaтанау (или како што формално се нарекува Холандска организација за технолошки проценки), кој според владата на Холандија треба „да даде свој придонес во јавната дебата и да помогне да се формира политичко мислење за трендовите во науката и технологијата“. Европа особено предначи со голем број на организации за проценка на технологиите.

Сепак, постојат малку докази дека овие тела и нивните партнери во САД и Велика Британија посветиле големо внимание на општествените, политичките и културолошките импликации од откривањето на вонземски живот.

Како и научната литература, кога се работи за оваа тема, секогаш се нагласуваат предизвиците во врска со откривањето, но не и последиците. Еден забележлив исклучок беше средбата и дискусијата одржана во 2010 година на „Кралското здружение“ и специјалното издание на списанието „Откривањето на вонземен живот и последиците врз науката и општеството“.

Политичарите, обично стојат настрана кога се работи за вонземскиот живот. Обединетите Нации, накратко го покренаа ова прашање во 1977 г. и оттогаш е запоставено. Се чини дека креаторите на политиките и на национално и интернационално ниво немаат јасно осмислен план за одговор ако се открие вонземски живот, незвисно дали се работи за микроорганизми или некои суштества со застрашувачки очи кои едвај чекаат да не нападнат.

Разговорите на оваа тема можат да бидат бесмислени само ако претпоставуваме дека напорите да откриеме вонземски живот нема да бидат успешни.

maxresdefaultЗа да се донесат добри одлуки обично е потребно да се истражат последиците од неизвесното и непознатото. Веројатно не е изненадување што последиците од откривањето на вонземски живот најдобро ги обработува популарната литература и Холивуд. Филмовите и белетристиката може да ни помогнат да ги истражиме и да дискутираме за последиците од напредните технологии и новите откритија. Но, тие не можат да бидат адекватна замена за широка општествена дискусија.

Науката и технологијата од 21-виот век предизвикаа важни дискусии помеѓу научниците и јавноста во граѓанските општества – енергетските системи, земјоделските технологии, болестите, екстремните настани и катастрофи, тероризмот, вештачката интелигенција, уредувањето на гените, синтетичката биологија … листата изгледа бесконечна. Зарем не би требало да дискутираме и за последиците од откривање на вонземски живот?

Со оглед на можните импликации од откривањето на живот надвор од Земјата, неодговорно е да се оди во потрага, без паралелно да се направат напори да се подготви општеството за евентуалниот успех, па дури и за импликаците ако и понатаму обидите се неуспешни.

Поддржете ја нашата работа: