Еден од најбрилијантните умови на светот се здружи со еден од најбогатите претприемачи на светот за да започнат нов проект со кој конечно ќе можеме да ги истражуваме ѕвездите.
Никој не би можел да го направи тоа подобро од физичарот Стивен Хокинг и рускиот милијардер Јуриј Милнер.
„За прв пат во историјата можеме да направиме нешто повеќе отколку само да ги гледаме ѕвездите. Можеме да ги достигнеме“, изјави Милнер на пресконференцијата која се одржа на 12 април во Њујорк, на 55-годишнината од првиот лет во вселената.
Проектот е наречен „Breakthrough Starshot“ и Милнер инвестира 100 милиони американски долари за изградбата на т.н нанолетало со тежина од околу еден грам, односно вселенско летало составено од многу мали нано летала (nanocrafts) кои ќе бидат придвижувани од ласер и ќе достигнуваат 20% од брзината на светлината, со што ќе можат да стигнат до нашата најблиска соседна ѕвезда Алфа Кентаури за само 20 години и да испратат фотографии од сите планети во тој систем.
„Алберт Ајнштајн еднаш замисли како ја брка светлината, и неговиот мисловен експеримент имаше голема улога во развојот на неговата теорија на релативност. Нешто повеќе од еден век подоцна, имаме шанса да достигнеме значителен дел од таа брзина – 161 милион километри на час. Само со толкава брзина ќе можеме да ги достигнеме ѕвездите во временска скала на еден човечки живот. Возбудливо е да се биде вклучен во ваков амбициозен проект, кој ги поместува границите на оргиналноста и инженерингот“, напиша Хокинг на својата Фејсбук страница.
Покрај Стивен Хокинг, во овој проект се вклучени и други големи имиња, меѓу кои и креаторот на Фејсбук, Марк Цукерберг.
Со денешната технологија, би биле потребни повеќе од 30 илјади години за да се стигне до Алфа Кентаури, која се наоѓа на оддалеченост од 4,3 светлосни години од Земјата или 40,2 трилиони километри.
Но, со новиот проект, стотици нано вселенски летала (nanocrafts) ќе бидат придвижувани со ласери до огромни брзини од 161 милион километри на час, што значи дека ќе го прелетаат Плутон за само 3 дена, а до нашата најблиска соседна ѕвезда ќе стигнат за нешто повеќе од 20 години.
Целта на овој проект е пронаоѓање на докази за вонземски живот надвор од нашиот Сончев систем.
Идејата е со помош на ракета да се лансираат овие нанолетала во вселената, за да можат да се рашират како едра и да прелетаат покрај сите планети во нашиот соседен ѕвезден систем, за да се види дали би можеле да бидат потенцијално погодни за живот.
Милнер и Хокинг признаваат дека има уште многу работа за овој проект да стане реалност, но велат дека нивните планови се засноваат на технологија која веќе постои или ќе постои во блиска иднина. Тие планираат јавно да ги објавуваат своите истражувања за научници од целиот свет да им помогнат со предлози и сугестии за подобрување на планот.
Се разбира дека ова е амбициозен потег, но и слетувањето на Месечината и нашата прва мисија на Марс беа амбициозни, а успешни. Ако некој има можност и е способен да го оствари ова, тоа се дефинитивно луѓето кои стојат позади овој проект.