Во противпожарната станица во градот Ливермор во Калифорнија се наоѓа сијалица која свети веќе 116 години.
„Столетната сијалица“ (Centennial Light), за прв пат е запалена во 1901 година, што секако претставува најекономичната произведена сијалица досега.
Низ својот маратонски стаж таа ги „доживеала и преживеала“ браќата Рајт, шпанскиот грип, двете светски војни, појавата на телевизијата, економски кризи, но и добар дел од модерната историја.
Била произведена околу 1890-тата година во фабриката „Shelby Electric Company“ во сојузната американска држава Охајо. Првично била поставена во магацинот на противпожарната станица, во 1901 година, но по неколку месеци била префрлена во гаражата, каде свети и денес.
Ова е и официјано признаена најдолго запалена сијалица на светот, потврдена од Гинисовата книга на рекорди во 1972 година.
Сијалицата свети со умерена светлина од 4 вати, но иако не покажува знаци на стареење, жителите на Ливермор се загрижени за својата туристичка атракција и се свесни дека може да се угаси во секој момент. Затоа, имаат спремено дури и свечен „погреб“ кој ќе заврши со поставување на сијалицата во вечно одморалиште, а како замена имаат идентична сијалица произведена во истата фабрика, но која досега не била користена.