Научниците од Универзитетот во Квинсленд, Австралија откриле дека ракчето-богомолка има неверојатно корисна способност – да гледа различни видови на рак во нашите тела. И тие пронајдоа начин оваа способност да ја реплицираат во камера, која евентуално може да се додаде и во смарт телефоните.
Ракчето-богомолка може да го „види“ ракот, како и активноста на нашите неврони, бидејќи има уникатни очи кои се извонредно дотерани за откривање на поларизирана светлина, вид на светлина која се одразува различно во различни видови на ткива, вклучувајќи ги и канцерогените.
Окото на ракчето-богомолка содржи групи на фотоќелии наречени „ommatidia“. Секоја од овие ќелии има тенка микро обвивка која филтрира поларизирана светлина, како и рецептори чувствителни на светлина.
Со цел да го реплицираат овој процес во камера, научниците користеле алуминиумски нанопроводници за поларизација, сместени на врвот на фотодиоди, кои ја претворат светлината во електрична струја.
„Така се конвертираат пораките кои се невидливи за нашиот визуелен систем”, истакнува лидерот на истражувачкиот тим.
Постоечките системи кои користат поларизирана светлина за откривање на ракот, имаат одредени ограничувања во однос на големината на туморите кои можат да ги детектираат, а за тоа им е потребен и огромен капацитет на опрема. Со реплицирање на очите на ракчето-богомолка, научниците се надеваат дека ќе се подобри технологијата до точка каде што би можело да бидат вклучени и во смарт телефоните. Со тоа ќе се намали потребата за повеќе инвазивни методи за откривање на ракот, како што се биопсиите, и исто така може да помогне за рано дијагностицирање.
Импресивно, сензорите развиени од страна на тимот од Универзитетот во Квинсленд веќе се користат за да се „види” активноста на невроните во мозокот, како и за обезбедување на рана дијагноза на канцерогените ткива кај глувците. Истражувањето е објавено во „Proceedings of the IEEE“.