Супер цврст оптички материјал базиран на крилјата на пеперутките

Природата е непресушна инспирација за научниците. Овој пат, истражувачите од Австралија, инспирирани од крилјата на пеперутките, создале материјал од кој би можеле да се прават побрзи и поцврсти компјутерски делови.

Крилјата на пеперутките имаат специјална форма од заоблени испреплетени површини, позната како гироидна структура. Овие природни структури се неверојатно цврсти и поседуваат интересни оптички својства што им овозможуваат на пеперутките да имаат некои од прекрасните живописни бои.

Истражувачите од Универзитетот за технологија Свинбурн во Австралија, заедно со Универзитетот РМИТ, направиле сопствена верзија од гироидната структура базирана на сложената структура на крилјата на пеперутката „Callophrys rubi“.

За изработка на овие структури, истражувачите користеле посебна литографска техника со два светлосни зрака за печатење на материјал со супер резолуција и создале исклучително тенки тродимензионални структури. Како што може да се види на сликата подолу, празнините се со дебелина помала од еден микрометар.

F1.large

Истражувачите нагласуваат дека овој материјал има две предности во однос на претходните материјали користени за оптичките компјутери. Првата е што има подобрена резолуција, а втората е што материјалот изработен со оваа техника механички е многу поцврст.

Новата гироидна структура може да се користи за изработка на многу покомпактна оптичка електроника. Бидејќи се многу мали, во еден чип може да бидат интегрирани голем број на уреди.

Тоа значи дека новиот материјал може да се користи да се контролира на кој начин светлината ќе стапува во интеракција со него, па оттаму може да се користи за пренос на оптичките информации со брзина на светлина низ комјутерскиот чип.

Научниците работат и на пронаоѓање на начин како да го искористат новиот материјал во новата оптика во иднината, фокусирајќи се на видливиот регион или регионот околу ултравиолетовиот спектар – нешто што денешните материјали не можат ефикасно да го искористат.

Истражувањето е објавено во списанието „Science Advances“.

Поддржете ја нашата работа: