Дијабетес од тип 1 е автоимуна болест која обично се дијагностицира во текот на детството и адолесценцијата. Се појавува кога клетките од имунолошкиот систем почнуваат да ги напаѓаат бета клетките (кои создаваат инсулин) во панкреасот со што пациентите се принудени да примаат редовни инсулински инјекции. На научниците им се добро познати последиците од оваа болест, но се’ уште не се сосема сигурни што ја предизвикува.
Во панкреасот, покрај бета клетките, има и други групи на клетки кои произведуваат голем број на хормони. Научниците од Универзитетот Стенфорд решиле да испитаат зошто при појавата на дијабетес, имунолошкиот систем ги напаѓа само оние кои произведуваат инсулин.
„Додека да се забележат типичните симптоми на дијабетес тип 1, ќе се уништат околу 90% од бета клетките во панкреасот, а останатите клетки ќе се воспалат. Причината за тоа е непозната“, вели Пол Болики, еден од истражувачите.
Панкреасот е неверојатно тежок за проучување. Всушност, единствениот начин на кој научниците можат да следат што се случува на клеточно ниво е да ги испитаат оние што се донирани по смртта.
Така, по испитувањата, научниците откриле дека натрупувањето на хијалуронска киселина дополнително придонесува за имунолошкиот систем да нанесе уште поголема штета на панкреасот, па се обиделе да најдат начин за да го спречат тоа, за Т-клетките да можат нормално да си функционираат.
Лекот наречен „Hymecromone“ или „4-methylumbelliferone“ е евтин, може да се зема орално и со години се препишува во многу европски и азиски земји за болни грчеви поврзани со жолчката. Одобрен е и за употреба кај децата.
Истражувачите го тестирале кај глувци кои генетски биле модифицирани за да развијат дијабетес тип 1 и откриле дека лекот успешно го блокира натрупувањето на киселината, со што регулаторните Т-клетки слободно се движат и го ублажуваат влијанието на имунолошкиот систем. Бета клетките останале непроменети кај оние глувци кои го земале лекот, а биле уништени кај тие кои не го земале.
Резултатите се објавени во „Journal of Clinical Investigation“. Следниот чекор на научниците е да откријат дали ќе се појави истата реакција и кај луѓето. Тие веќе добиле парични средства од Стенфорд за да продолжат со клинички испитувања и ако ги добијат истите резултати, тогаш пациентите наместо да земаат инсулин до крајот на животот, ќе се напијат едно апче и нема да добијат дијабетес, истакнуваат научниците.