Телескопот „Хабл“ е во одлична форма

Телескопот Хабл беше дел од многу големи откритија во современата астрономија – од потврдата за постоење на огромни црни дупки во вселената, па сѐ до одредување на староста на универзумот.

Благодарение на астронаутите кои вршеа поправки и го надградија системот, Хабл се’ уште е во состојба да даде непроценлив придонес во науката. По повлекувањето на вселенските мисии, вакви интервенции не се можни, но се смета дека Хабл е се’ уште во одлична форма. Научниците веруваат дека Хабл ќе продолжи да работи барем уште пет години, а можеби и повеќе.

„Последната мисија за сервисирање на Хабл беше во 2009 година и астронаутите направија одлична работа. Тие поставија нови инструменти, батерии и жироскопи, со што опсерваторијата беше поставена на извонредно ниво“, вели д-р Џенифер Вајсман, научник на НАСА за проектот Хабл.

Во минатото, шесте жироскопи на Хабл (ротирачки направи што му овозможуваат прецизно да се насочи во просторот) страдаа од ерозија. Пет години од поставувањето на новите, само еден покажува знаци на ерозија.

Електрониката во вселената мора да се справува со огромните зрачења во околината и големи дефекти можат да се случат во секое време, но засега иднината за Хабл изгледа доста солидно.

„Во еден момент кога Хабл нема да биде во состојба добро да ја врши својата функција, ќе мора да ја донесеме таа тешка одлука  и да ја запреме работата на оваа опсерваторија, но нема никаква причина тоа да се случи во блиска иднина“, рече д-р Вајсман, на специјалната сесија по повод 25 годишнината од лансирањето на Хабл, во рамките на годишната средба на Американската Асоцијација за унапредување на науката.

На конференцијата било изјавено дека би било пожелно Хабл да продолжи со работа заедно со својот наследник – вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ – барем две години. Со оглед на тоа дека лансирањето на „Веб“ телескопот е планирано за 2018 година, се чини дека ова е достижна цел и ќе овозможи непречена транзиција.

Моментално, Хабл е ангажиран во програмата што се нарекува „Гранични полиња“ (Frontier Fields). Техниката што Хабл ја користи, т.н. техника на „гравитационо сочиво“, му овозможува на телескопот да ги истражува и најоддалечените галаксии во универзумот. Некои од овие галаксии веројатно се едни од основачките галаксии во универзумот, кои се појавиле само неколку стотици милиони години по „Биг Бенг“.

Иако „Хабл“ треба  ги користи „зум сочивата“ за да ги види овие далечни објекти, телескопот „Џејмс Веб“ нема да ги користи. Неговите поголеми огледала и усовршените инфрацрвени детектори ќе му овозможат да ги гледа објектите директно. Но „Хабл“ ќе треба да го „трасира патот“ и колку подого тој работи ќе открие повеќе цели што „Веб“ треба да ги следи.



 

ЕНаука.мк e проект во кој главната движечка сила се лица со хендикеп и негови главни цели се враќање на интересот за науката и технологијата во нашите домови, институции и медиуми, како и да докаже дека вистинското место на лицата со хендикеп е во македонската наука и економија. Редовното посетување на нашиот портал, споделувањето и дискусија на интересните статии ќе овозможи одржливост на овој проект и ќе поттикне други слични идеи од кој бенефит би имало целото општество.

Поддржете ја нашата работа: