Ако барате оправдување зошто да се истетотиварате, се чини дека истражувачите од Универзитетот во Алабама можат да ви помогнат. Имено, нивното ново истражување покажува дека тетоважите го подобруваат имуниот систем, само мора да имате повеќе од една тетоважа за да почувствувате подобрување.
Според истражувачите, тетоважите се како и вежбањето. Кога почнувате да вежбате, телото ослабнува како последица на новиот стрес, што се покажува преку болки во мускулите. Но после неколку дена вежбање, мускулите почнуваат да се зајакнуваат и веќе не чувствувате болка. Поаѓајќи од тоа како вежбањето влијае на мускулите, истражувачите решиле да истражат дали истото важи и за тетовирањето.
Тетовирањето често предизвикува чувство на исцрпеност, бидејќи телото „се прашува“ зошто инјектирате надворешен загадувач во телото.
За да утврдат дали повеќекратното тетовирање ќе делува на имунолошкиот систем исто како вежбањето, истражувачите регрутирале група волонтери и проучувале колку тетоважи има секој од нив и колку време трае секој процес на тетовирање. Потоа биле направени анализи на крвта на волонтерите за да се одреди нивото на имуноглобулин А, што претставува антитело, и кортизол – хормон на стрес кој го потиснува имуниот одговор.
Истражувањето покажало дека кај лицата кои ја прават својата прва тетоважа има голем пад на имуноглобулин А, како последица на високото ниво на кортизол. Кај оние лица кои претходно веќе повеќепати се тетовирале, нивото на имуноглобулин А малку се покачило, што според истражувачите укажува дека телото го зајакнува свјот имунолошки одговор.
„После одговорот на стресот, телото се враќа во рамнотежа. Сепак, ако повторно и повторно го подложувате телото на стрес, наместо да се врати на почетната точка, телото се прилагодува и ја подига почетната точка на повисоко ниво“- вели Кристофер Лин, еден од авторите на истражувањето.
Иако, овие наоди имаат логика, важно е да се напомене дека истражувањето е направено на 24 жени и 5 мажи, што е доволно да се забележи дека се случува некаква промена, но сепак е мала и потребни се дополнителни истражувања за да се потврдат резултатите.
Целиот извештај од истражувањето може да го прочитате во „American Journal of Human Biology“.