Цар Самоил бил сведок на супернова?

Првиот телескоп бил направен во 1608 година, врз основа на еден претходен патент од холандскиот оптичар Ханс Липерсхи. Па иако се чини дека астрономите долг период го проучуваат небото, сепак тоа не е ништо во споредба со староста на човештвото, или во поширока смисла, со староста на универзумот.

Но, иако нашите предци не биле во можност во целост да ги набљудуваат небеските тела, тие не ги игнорирале настаните што се случуваат на небото. Всушност, кога истражувачите во денешно време сакаат да ги проучуваат настаните што се случиле многу одамна, тие често се навраќаат на трудовите на астрономите кои работеле со многу малку или воопшто немале алатки за проучување на небесните феномени. Таков е случајот со сегашното проучување на „SN 1006“- супернова што експлодирала пред повеќе од 1000 години.

Бидејќи не постојат вистински документи што би им помогнале на астрономите да ја проучуваат оваа супернова, која била светла исто колку и Венера, во период од три месеци во 1006 година, истражувачите од Германија се свртеле кон еден необичен извор: ислмскиот филозоф Ибн-Сина (Авицена), кој напишал голем број влијателни дела за време на Исламското златно доба.

Едно од најзначајните дела на Ибн-Сина е „Kitab al-shifa“ (Книга за исцелување) напишана околу 1013 година. Според истражувачите од Опсерваторијата Јена, од еден дел од оваа книга може да се добие увид во тоа како луѓето од земјата ја гледале „SN 1006“.

Како што пишува „Gizmodo“, во превод тоа гласи:

„Се случува пламенот да стои извесно (долго) време, или во форма на прамен од коса или  опашка (односно во форма на комета), главно на север, но понекогаш исто така и на југ; или во форма на ѕвезда помеѓу ѕвездите (kawkab min al-kawakib), како таа што се појави во 397 година.

Остана близу три месеци, станувајќи се побледа и побледа, додека не исчезна; на почетокот изгледаше темно и зеленикаво, а потоа почна да исфрла искри цело време, а потоа стануваше се повеќе и повеќе бела, па стана бледа и исчезна. Исто така може да има форма на брада, или животно со рогови, или некоја друга форма“.

Иако истражувачите не се сигурни дали е овој опис е од прва рака или некој му го раскажал на Ибн-Сина, во секој случај, извонредно е тоа што еден вака древен труд може да и користи на модерната наука. Покрај тоа, овие опсервации им се од помош и на научниците кои го проучуваат Ибн-Сина и се обидуваат да одредат каде престојувал филозофот во тој период.

Овие наоди се објавени на веб страната arXiv.org.

Поддржете ја нашата работа: