За некои луѓе црниот хумор е многу интересен, додека други едноставно не сфаќаат што е тука интересно. Едно ново истражување покажува дека лицата кои уживаат во црн хумор имаат повисок коефициент на интелигенција за разлика од останатите, пишува списанието „Cognitive Processing“.
Научниците од Универзитетот за медицина во Виена од своите 156 испитаници барале да рангираат 12 црни хумористични цртежи од книгата “The Black Book” на познатиот германски карикатурист Ули Штајн, според нивното разбирање и уживање, а потоа да одговорат прашања поврзани со нивното потекло.
На крај учесниците ги поделиле на три групи, а најдобри резултати на вербалните и невербалните тестови за интелигенција оствариле лицата кои уживаат во саркастичните шеги.
Заклучокот на истражувачите е дека емоционалната нестабилност и нагласената агресивност манифестираат намалено уживање во црниот хумор.
Љубителите на црн хумор се соочуваат со комплексна обработка на информации, а тоа би значело дека само високо интелигентен човек може да ги разбере овие морничави шеги.