Во обидите да им се овозможи на луѓето полесно да следат колку вода трошат дневно за туширање, една француска дизајнерска фирма изработила рачка од туш која свети со различна ЛЕД светлина за да ве опомене колку вода сте искористиле. Паметниот туш „Хидрао“ е дело на фирмата „Start & Blue“ и беше претставен на „CES 2016“ во Лас Вегас.
ЛЕД светилките во рачката од тушот ја менуваат бојата во зависност од волуменот на потрошената вода. Тој свети зелено ако количеството на вода е до 10 литри, виолетово до 50 литри, а кога потрошувачката ќе надмине 50 литри, почнува да светка црвено, што изгледа доволно иритирачки да ве натера да посакате да завршите со туширањето.
Системот работи со придружна апликација достапна за ИОС и Андроид, за да им овозможи на корисниците да ја следат потрошувачката на вода со текот на времето, со дополнителни опции за промена на прагот на потрошувачката на вода, како и бојата со која ќе светка тушот. Според фирмата, 1 000 лица што веќе ја користат првата генерација од тушот „Хидрао“ ја намалиле потрошувачката на вода просечно за 25 проценти, што може да се смета за прилично голема заштеда, кога ќе се соберт сите литри вода во текот на неделите и месеците.
„Хидрао“ може да се приклучи на секое конвенционално црево за туш-батерија, а ште една предност е што не користи електрична енергија, нити батерии за да светат ЛЕД сијаличките. Тие работат со помош на вграден турбински систем кој се напојува од протокот на вода во самата рачка од тушот. Втората генерација „Хидрао“ ќе биде пуштена во продажба во февруари или март и ќе чини околу 99 американски долари.