Викендов не очекува екстремно ретко затемнување на Месечината

Се нарекува целосно затемнување на Супер Месечина и во текот на последниве 115 години се случил само 5 пати.

Целосното затемнување на Месечината е ретко, но на Супер Месечината е уште поретко бидејќи се случуваат две работи кои обично не се случуваат истовремено – Супер Месечина и целосно затемнување.

Супер Месечина е колоквијалното име за полна (или нова) Месечина, кога таа се наоѓа наблиску до Земјата. Во недела, Месечината ќе биде на само 356.877 км. од Земјата, што е многу поблиску од просечната оддалеченост од 384.472 км.

Како резултат на тоа, Месечината ќе изгледа околу 13% поголема од нормалното. Иако не се работи за огромна разлика, целосното затемнување е глетка што нема да сакате да ја пропуштите.

 

Каде ќе може да се види?

Настанот ќе започне на 27 септември, во 21 часот и 7 минути по источната временска зона (во Америка), што значи 3 часот и 7 минути после полноќ по наше (веќе 28 септември). Најдобро ќе може да се види од источниот брег на САД, западна Европа и Африка бидејќи ќе можат да се видат сите 5 главни фази на затемнувањето.

 


Главниот настан – кога Месечината целосно ќе се обвитка во сенката на Земјата, ќе биде видлив и ќе трае 1 час и 12 минути. Доколку небото е облачно, може да го проследите целиот настан онлајн.

НАСА ќе започне пренос во 20 часот по источната временска зона, што значи 2 часот по полноќ по наше. На веб страницата на „Sky and Telescope“ ќе има пренос од 21 часот, што значи 3 часот по полноќ по наше и на онлајн опсерваторијата „Slooh“ преносот ќе започне во 20 часот, односно 2 часот по полноќ по наше.

За време на затемнувањето, сончевата светлина нема директно да допре до Месечината, но наместо црна боја, Месечината ќе добие прекрасна црвена боја.


Поддржете ја нашата работа: