За прв пат – забележани орка китови како убиваат и јадат друг вид на кит

Во близина на Австралија се забележани китови убијци како убиваат и јадат еден редок вид клунест кит – нешто што никогаш досега не било забележано.

Од 2014 година, мал тим на научници од Универзитетот Кертин во Перт, Австралија го проучува однесувањето на китовите убијци во водите околу јужниот брег на Австралија. Во четири случаи тие забележиле и фотографирале група од околу 20 китови убијци како напаѓаат осамен клунест кит.

Ловот траел еден до два часа. Орките го бркале китот и на крај го убиле гризејќи го и потопувајќи го под вода за да го удават. Во два наврати, тие забележиле и одрана кожа од трупот, што бил јасен знак дека се работи за предаторски напад.

За китовите убијци што жевеат во водите околу Австралија малку се знае. Но, познато е дека популациите што живеат во разни делови од светот имаат различно однесување и се специјализирани за лов на одреден плен. Некои се хранат со риби, како што се харингите, додека други ловат цицачи, како фоки, дефини и младенчиња од големите китови.

Во документарецот на „ВВС“, Сината планета (The Blue Planet) од 2001 година, прикажани се снимки  од орки како гонат и на крај убиваат младенче од сив кит и покрај напорите на мајката да го спаси.

За клунестите китови речиси ништо не се знае. Тие се ретки, тешко може да се забележат на површината на водата и се хранат во длабоките води. За китот што беше жртва на орките во Австралија се смета дека е младенче или женка од родот „Mesoplodon layardii“.

Деталите од опсервацијата на истражувачите се објавени во „Рlos one“.

Поддржете ја нашата работа: