Започна конференцијата за климатски промени во Париз

Повеќе од 100 светски лидери и повеќе од 20 илјади делегати се собраа во Париз на конференцијата на Обединетите Нации, позната како COP21“ со цел да се ограничи глобалното затоплување до 2°C.

Претседателот на САД Барак Обама и Претседателот на Франција Франсоа Оланд се обратија на властите, барајќи од нив да се посветат на намалување на емисијата на јаглероден диоксид. Оланд ги повика развиените држави да ја преземат одговорноста за кризата, со оглед на тоа што тие емитираат најмногу стакленички гасови и да им помогнат на земјите кои се загрозени од климатските промени. Обама истакна дека неговата земја ја признава својата улога во придонесот на кризата и дека ќе ја преземе водечката улога во борбата против неа.

Во францускиот главен град во моментов се наоѓаат 147 шефови на држави и влади за претстојните интензивни преговори кои ќе траат две недели, почнувајќи од денес, 30 ноември, до 11 декември 2015 година.

Денешната понеделничка агенда вклучува говори на лидерите и министрите за животна средина на неколку земји, вклучувајќи ги Германија, Исланд, Перу и Шкотска. Вкупно 25 илјади официјални претставници се надеваат дека ќе обезбедат договор за сите земји да ги намалат емисиите на јаглерод. Договорот треба да стапи на сила во 2020 година.

Целта е да се решат проблемите на поголемите земји, како Индија и Кина кои велат дека нивниот економски раст е зависен од фосилните горива и да се најдат алтернативни решенија, односно обновливи извори на енергија. Додека помалите и посиромашните земји кои се поосетливи на ефектите од климатските промени се залагаат за договор со кој се дава приоритет на нивната безбедност.

Поддржете ја нашата работа: