Запознајте го првиот холографски флексибилен паметен телефон

Канадските истражувачи велат дека го развиле првиот холографски флексибилен паметен телефон на светот, со екран кој може да се превиткува за да им овозможи на повеќе луѓе да гледаат различни 3Д слики, во зависност од перспективата.

Овој паметен телефон е наречен „Holoflex“ и има целосен HD LED дисплеј со резолуција од 1.920 x 1.080, при што не се потребни 3Д наочари за гледање.

Функционира на тој начин што кога се прикажуваат сликите, уредот ги прикажува во кружни блокови од 12 пиксели. Преку екранот има тенка 3Д испечатена низа на микролеќи, па кога кружните блокови се гледаат низ овие микролеќи, тоа прави сликите да изгледаат тро-димензионални во зависност од аголот на гледачот, а всушност тие се дво-димензионални.

Единствениот недостаток е што при тоа квалитетот на 3Д сликите е многу мал, со резолуција од само 160 x 104. Но, сепак ова претставува импресивен ефект кој им овозможува на повеќе лица истовремено да гледаат 3Д слики без потреба од наочари или дополнителна опрема која би им пречела.

Иако и претходно сме виделе флексибилни екрани кои може да се превиткуваат, овој пат, флксибилноста не е само од естетски причини. Превиткувањето на екранот всушност претставува еден вид на контрола која овозможува објектите да се прикажат на „Z-оската“. Со помош на камера, корисниците може да одржуваат холографски видео конференции, а овој уред исто така може да се користи и за игри. Сето тоа може да го погледнете на следното видео.

Овој уред засега е само прототип, но со нетрпение очекуваме да видиме каде ќе не одведе развојот на оваа технологија.

Истражувањето ќе биде презентиран на конференцијата „ACM CHI 2016“ која се одржува оваа недела во Калифорнија.

Поддржете ја нашата работа: