Женската вијагра можеби ќе биде одобрена деновиве

Што претставува новата женска вијагра?

Тоа е лек кој е создаден да ја зголеми желбата за секс кај жените. Се нарекува „флибанзерин“ и Американската администрација за храна и лекови (FDA) деновиве ќе одлучува дали да дозволи негова продажба.

Сепак, овој лек не делува како вијаграта – жените би требало да го земаат секој ден, без разлика дали сакаат да имаат секс или не сакаат. За разлика од славната „сина пилула“, која делува на тој начин што го зголемува протокот на крв во гениталиите, овој нов лек влијае на рецепторите за различни хемикалиите во мозокот, меѓу кои и серотонинот и допаминот. Всушност, првично бил наменет како антидепресив, но потоа било утврдено дека нема такво дејство.

Колку добро делува на либидото?

Не баш спектакуларно. Тестирањата покажале дека паровите имале, во просек, по еден сексуален однос повеќе месечно, од вообичаениот просек од два до три пати. Покрај тоа, постојат и несакани ефекти. Може да предизвика поспаност, нагло опаѓање на крвниот притисок и несвестица, особено во комбинација со алкохол.

Тогаш зошто има толку „навивачи“?

Скапата јавна кампања, секако е еден од факторите. Производителот „Sprout Pharmaceuticals“, има придобиено различни женски здруженија да го презентираат ова како женско прашање, нагласувајќи дека мажите ја имаат вијаграта, додека жените со ниско либидо немаат ништо слично на располагање. „FDA“ негира дека се работи за сексизам, но призводителот вели дека е време „да се изедначи резултатот“. Дали се во право? Синди Персон од „Националната мрежа за здравјето на жената“- една од групите која не го подржува производителот, вели дека е фрустрирачки да се види дека компанијата која што потфрлила со податоците, како се обидува да го одвлече вниманието, повикувајќи се на половата нееднаквост. „Кога докторите одлучуваат дали некој лек ќе се пушти во продажба, тие би требало внимателно да ја измерат неговата способност за ублажување на болеста или состојбата, заедно со ризикот од несаканите ефекти и штетата што би произлегла, доколку состојбата не се третира. Спротивставувајќи го на друг лек, кој е наменет за третирање на различна медицинска состојба и сосема различна група на луѓе, не може да биде валидно“ – вели Персон.

Овде се работи за две сосема различни состојби. Импотенцијата кај мажите, често е резултат на недоволниот проток на крв во еректилното ткиво на пенисот, што може лесно да се корегира со вијагра и сличните лекови.

Од друга страна, кога жената не е заинтересирана за секс, тоа може да е поттикнато од многу различни фактори, меѓу кои и проблеми во врската, зафатеноста во секојдневниот живот, како и од процесите на стареењето. Некои сметаат дека е вообичаено жените да се помалку заинтересирани за секс од нивните партнери, па затоа тоа и не би требало да се смета за некаква медицинска состојба. Затоа е разбирливо што на фарацевската индустрија и е тешко да се пробие со ваков производ на пазарот.

Но, ова не е првиот ваков обид. Првата женска вијагра, всушност била обичната, машка вијагра. Производителот „Pfizer“, понесен од првичниот успех на вијаграта, се обидел да ја прошири употребата и кај жените. Се покажало дека вијаграта го зголемува протокот на крв во женските гениталии, но нема ефект на либидото.

Биле направени и обиди со лепенки со тестостерон, бидејќи постојат некои докази дека намаленото ниво на овој хормон кај жените може да биде причина за намалената сексуална желба, но и тие не биле одобрени.

Да видиме што ќе се случи со овој лек.

Поддржете ја нашата работа: