Зошто е помала веројатноста да се посипеме со лате, отколку со кафе?


Научниците открија дека само неколку слоеви на меурчиња, може значително да придонесат за движењето на течноста. Истражувањето, објавено во „ Physics of Fluids“, покрај пијалоците за време на појадокот, може да има и многу други поголеми примени, вклучувајќи го и побезбедниот транспорт на течен гас во камионите и горивата во ракетните мотори.

Емили Дресе, асистент-професор за механички и воздушен инженеринг во политехничката школа за инженерство на Универзитетот во Њујорк, за прв пат забележала дека пената има амортизирачки механизам кога пиела лате од „Старбакс“, а нејзините колеги забележале сличен ефект и кај пивото.

Така, истражувачите своите впечатоци ги пренеле во лабораторијата и спровеле експеримент за да ја тестираат моќта за амортизација на пената. Конструирале тесен правоаголен стаклен сад и го наполниле со раствор од вода, глицерол и детергент за садови. Потоа инјектирале воздух преку игла која се наоѓала на дното на садот и создале неколку подеднакви слоја на меурчиња со дијаметар од 3 мм. Експериментирале со брзо и споро движење напред- назад и ги снимиле брановите што се создале на камера која снима со голема брзина. Откриле дека се доволни само пет слоеви на пена за да се намали висината на брановите со фактор 10. Повеќе од пет слоеви и не прават голема разлика, бидејќи горните слоеви воопшто не се движат. Истражувачите сметаат дека тоа е така поради триењето на пената од страните на садот. Оние меурчиња кои не допирале до ѕидовите, не придонесувале многу за амортизацијата.

Овој проблем станува сериозен кога се работи за безбедноста, односно кога се пренесува нафта или течен гас во огромни танкери. Нерамномерното движење на овие опасни течни материи може да предизвика значителен притисок на ѕидовите што пак може да го наруши движењето на возилото, истакнуваат истражувачите. Тие се надеваат дека нивното истражување еден ден ќе може да се примени за полесен транспорт на истите.

Поддржете ја нашата работа: