Зошто постојат пушачи што живеат долго?

Сите знаеме дека пушењето е штетно за здравјето. Пушењето е водечка причина за смрт кај луѓето во целиот свет.

Но, кај една мала група на многу среќни луѓе, се чини дека пушењето не ги предизвикува болестите што им се закануваат на останатите пушачи.

И навистина, некои од најдолговечните луѓе, кои доживеале многу длабока старост, биле пушачи. Жана Калман, документирано најдолговечната личност, поголемиот дел од својот живот била пушач, а уште еден претендентите за оваа титула, вели дека пуши по една кутија дневно. Па, во што е нивната тајна?

Според едно ново истражување, долговечноста кај овие долгогодишни пушачи не е случајност. Студијата што овој месец беше објавена во „The Journals of Gerontology, Series A: Biological Sciences & Medical Sciences“, открива дека еднонуклеотидниот полиморфизам (single nucleotide polymorphism -„SNP“) на секвенци од ДНК, им помага на овие луѓе  полесно да ги  издржат и да ги ублажат штетите од долгорочното пушење.

Истражувачите направиле секвенцирање на геномите на 90 долгогодишни пушачи, кои доживеале над 80 години и ги споредиле со геномите на 730 пушачи кои починале пред да навршат 70 години. Тие идентификувале мрежа од „SNP“ во гените, што им овозможува на носителите на овие гени на долговечноста, ефективни 22 проценти зголемување на веројатноста да доживеат старост од 90 до 99 години и три пати ја зголемува веројатноста да станат стогодишници. Овие исти гени се одговорни и за намалување на можноста за добивање на рак за 11 проценти.

Заклучокот на истражувачите е дека долговечните пушачи претставуваат „ биолошки посебна група обдарена со генетска варијација која им овозможува различно да одговорат на стрес-факторите од животната средина“ .

„Постојат докази дека овие гени ја овозможуваат долговечноста со тоа што ја зголемуваат издржливоста на клетките и нивното обновување. Затоа, и покрај тоа што некои лица се изложени на високо ниво на биолошки стрес-фактори, како тие што се наоѓаат во чадот од цигарите, нивното тело е поспремно да се справи со нив и да ги поправи штетите“- вели доктор Морган Е. Левин, еден од истражувачите, во соопштението за јавноста.

Како што изјавува д-р. Левин за „The Washington Post“, сосема е возможно во иднина да бидат достапни индивидуални тестирања за конзументите да одредат дали се носители на генетските маркери што ќе им помогнат да одолеат на ефектите од стареењето и појавата на болестите.

Но, постојат граници колку ова сознание може да стори за нив. Процентот на лица кои го имаат овој „генетски печат“ што ќе им помогне да се справат со биолошкиот стрес од пушењето е исклучително мал, па затоа, никој не би требало да го користи овој труд како изговор за и понатаму да продолжи да пуши, истакнува д-р. Левин.

Поддржете ја нашата работа: