Минатата недела истражувачите објавија нови докази дека некои видови диносауруси веќе почнале да исчезнуваат, кога астероидот ја погодил Земјата, пред околу 66 милиони години (енаука.мк). Сепак, многу видови некако успеале да ја преживеат оваа катаклизма, а нивните модерни роднини денес успешно опстојуваат.
Сега едно ново истражување сугерира дека пердувестите диносауруси успеале да преживеат и да еволуираат во птици, благодарение на нивниот афинитет за семиња.
Во прилог на оваа хипотеза оди и фактот дека птиците со заби изумреле кон крајот на периодот Креда, додека нивните беззаби роднини и тие што се хранеле со семиња успеале да преживеат. Со малку храна што им била на располагање, способноста да преживеат хранејќи се само со семиња буквално им го спасила животот.
Како што пишува магазинот „COSMOS“, тим од палеонтолози од Канада успеале да го откријат заедничкиот предок на 188 денешни видови на птици – диносаурус сличен на птица со клун без заби. Дури и покрај киселите дождови и изгорената земја, семињата сепак биле достапни и одиграле клучна улога за преживување на овие птици.
Но, некои ја немале таа среќа. Заради огромниот облак од прашина предизвикан од ударот на астероидот кој ја ја блокирал сончевата светлина, фотосинтезата кај растенијата била оневозможена, што значело и крај за животните што се хранеле со лисја и овошје. Во понатамошниот тек, во ланецот на исхрана настрадале и месојадите.
Се разбира, да се направи преглед на десетици милиони години наназад не е лесна работа, но оваа хипотеза е поткрепена со добра сума на докази.
Водачот на истражувањето, палеонтологот Дерек Ларсон вели дека суштествата слични на птици, познати како манираптора диносауруси, не се добро позната група, за нив не се знае многу, а уште помалку зошто тие изумреле со останатите диносауруси, додека многу слични видови на птици успеале да прежиеат. Одговорот може да биде единствено затоа што можеле да се хранат со семки.
Како дел од истражувањето била споведена и внимателна анализа на фосилни заби за да се детектира дали варијациите во формата и големината се намалиле со тек на времето.
Доказите покажале дека – се’ до крајот на периодот Креда имало многу малку варијации, што ја поткрепува идејата дека манираптора диносурусите биле уништени за многу брзо.
Земени заедно, евиденцијата од забите и податоците за потеклото, претставуваат силни докази дека птиците успеале да ги надживеат нивните „братучеди“, диносаурусите слични на птици, затоа што можеле да се хранат со семиња, додека не им биле достапни други извори на храна.
Истражувањето е објавено во „Current Biology“.