До пред неколку години бевме убедени дека нашиот Сончев систем има 9 планети и тоа: Меркур, Венера, Земја, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон. При тоа, Меркур е најблиската планета до Сонцето (оддалечена околу 60 милиони км), а Плутон се сметаше за најдалечна планета (оддалечена од 5-6 милијарди км). Меѓутоа, во 2005 година астрономите открија нова „10-та“ планета слична, дури и поголема од Плутон, нарекувајќи ја Ерис.
Само 2 месеца подоцна се откри уште една мала „планета“ која го доби името Макемаке. Овие две „нови планети“ се далеку зад орбитата на Нептун, заради што беа наречени транснептунски објекти. Наеднаш се постави прашањето дали тие навистина треба да припаѓаат во групата планети или не.
Затоа на конференцијата на Меѓународната астрономска унија во 2006 година, за прв пат беше поставена дефиниција за тоа што претставува планета. Според оваа дефиниција, ниту новооткриените планетоидни објекти, ниту Плутон не ги исполнуваат критериумите за планети и се ставени во посебна група на џуџести планети или протопланети.
Според тоа, нашиот Сончев систем има 8 планети. Од нив, Меркур, Венера, Земја и Марс се сметаат за внатрешни или таканаречени планети од земјин тип, додека Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун се наречени надворешни планети или планети од јупитеров тип, познати и како џиновски планети. Помеѓу двата типа планети се наоѓа астероидниот појас, со неколку милиони помали и поголеми астероиди.