Група истражувачи откриле докази дека епидемија на коронавирус ја зафатила Источна Азија пред повеќе од 20 000 години и била доволно разорна за да остави отпечаток во ДНК кој опстојува до денес.
„Тоа треба да нè загрижи. Она што се случува сега може да се случува со генерации и генерации“, вели Дејвид Енард, еволутивен биолог од Универзитетот во Аризона, водич на студијата.
Досега истражувачите не можеа да погледнат многу далеку во историјата на ова семејство на вируси иако е познато дека во текот на изминатите 20 години, три коронавируси се прилагодиле за да ги заразат луѓето и да предизвикаат сериозни респираторни заболувања: Ковид-19, САРС и МЕРС. Студиите за секој од овие коронавируси покажуваат дека тие преминале кај луѓето преку лилјаците или други цицачи.
Четири други коронавируси исто така можат да заразат луѓе, но тие обично предизвикуваат само лесна настинка.
Најновиот од овие благи коронавируси, наречен HCoV-HKU1, ја преминал бариерата на видовите во 1950-тите. Најстариот, наречен HCoV-NL63, се смета дека датира уште од пред 820 години.
Но, откако д-р Енард и неговите колеги примениле нов метод за пребарување, со кој наместо да ги разгледуваат гените на коронавирусите, ги гледале ефектите врз ДНК на нивните човечки домаќини.
Со текот на генерациите, вирусите предизвикуваат големи промени во човечкиот геном кои се пренесуваат на потомството, со цел организмот подготвено да реагира при повторен контакт со тој антиген.
Но и вирусите можат да еволуираат. Нивните протеини можат да ја променат формата за да ја надминат одбраната на домаќинот. Тие промени може да го поттикнат домаќинот да развива уште повеќе контраофанзиви, што ќе доведе до уште повеќе мутации на вирусот.
Ако некоја нова мутација успее да обезбеди отпорност кај некој вид вирус, таа за кратко време може да стане почеста, пренесувајќи се на следните генерации. Значи, ако една верзија на ген доминира над сите други, научниците знаат дека тоа е најверојатно потпис на брза еволуција во минатото.
Во последниве години, д-р Енард и неговите колеги го пребарувале човечкиот геном за овие модели на генетска варијација со цел да се реконструира историјата на низа вируси. Кога се појави пандемијата, тој се запрашал дали можеби и античките коронавируси оставиле свој карактеристичен белег.
Тој и неговите колеги ја споредувале ДНК на илјадници луѓе низ 26 различни популации низ целиот свет, следејќи комбинација на гени за кои се знае дека се клучни само за коронавирусите. Кај популациите на источна Азија, научниците откриле дека 42 од овие гени имаат доминантна верзија. Тоа бил силен сигнал дека луѓето во Источна Азија се прилагодиле на античкиот коронавирус.
Но, што и да се случило во Источна Азија, се чини дека е ограничено на тој регион.
„Кога ги споредивме со популации ширум светот, не можевме да го најдеме сигналот“, изјавил Јасин Суилми, истражувач на Универзитетот во Аделаида во Австралија и коавтор на новата студија.
Научниците тогаш се обиделе да проценат колку долго источноазијците се прилагодувале на коронавирусот. Утврдиле дека сите 42 гена имале приближно ист број на мутации. Тоа значело дека вирусите брзо се развиле во исто време. Проценката на научниците е дека сите тие гени ги развиле своите антивирусни мутации некаде пред 20 000 и 25 000 години, најверојатно во текот на неколку векови.
Научниците кои бараат лекови за борба против новиот коронавирус можеби ќе сакаат да ги испитаат 42 гени кои еволуирале како одговор на античката епидемија, вели еден член на истражувачкиот тим.
„Тоа всушност ни ги покажува молекуларните копчиња со кои може да го прилагодиме имунолошкиот одговор на вирусот“, додава тој.
Д-р Андерс е согласен со таквата констатација, велејќи дека гените идентификувани во новата студија треба да имаат посебно внимание при развојот на новите генерации на лекови.
Извор: Livescience