Што се случува во телото кога не пиеме доволно вода?

pixabay

Често слушаме дека треба да пиеме околу осум чаши вода секој ден. Што ќе се случи доколку не го правиме тоа? Освен дехидрацијата како директна последица на недоволното пиење вода, малкумина ги знаат другите последици за организмот.

Послаба концентрација

Студијата од 2011 година покажала дека намалениот внес на вода влијае врз бројот на „сиви“ клетки што треба да ги користиме додека работиме на некоја задача. Жедните испитаници морале да работат подолго за да ја решат задачата, за разлика од оние што пиеле доволно количество вода во рамките на истражувањето.

Побавно согоруваме калории

Студија од 2010 година покажа корелација помеѓу брзината на метаболизмот и количината на консумирана вода. Калориите се согоруваат побрзо кога телото е подобро хидрирано. Било откриено и дека водата ја измазнува кожата, го спречува создавањето брчки и ја подобрува бојата на кожата на лицето.

Јадеме повеќе

Луѓето што пијат две чаши вода пред оброк внесуваат 75 до 90 калории помалку од луѓето што не пијат вода. Ова се резултати од истражување спроведено во 2010 година. Испитаниците што пиеле повеќе вода изгубиле околу три килограми за време на тримесечното испитување.

Нерасположени сме

Во 2009 година истражувачите од американскиот Универзитет „Тафтс“ побарале од група веслачи од двата пола да прават едночасовни аеробни вежби, притоа внесувајќи малку вода за време на тренингот. Групата која внесувала мали количини вода во телото ги почувствувала класичните симптоми на дехидрација, како што се замор и несвестица, а истражувачите забележале и чувство на лутина, депресија и напнатост.

Полесно се разболуваме

Честата дехидрација на телото ја намалува функционалноста на поединечните органи, но и на телото во целина, па не е чудно што недостигот на вода може да доведе до полесно разболување. Луѓето што пијат малку вода, на пример, имаат поголема веројатност да развијат проблеми со уринарниот тракт и бубрезите отколку луѓето што пијат соодветна количина вода.

Поддржете ја нашата работа: