10-те најтопли места на Земјата

Ова се 10-те најжешки места во светот.

Далол во Етиопија

Овој „изгор“ топол град во депресијата Араф во Етиопија, го држи рекордот за највисока просечна годишна температура што е некогаш измерена. Од 1960 до 1966 година, просечната температура во Далол била 34,5 степени Целзиусови (дневните температури редовно се искачувале над 38 степени). Овие бројки претставуваат годишен просек, што значи дека температурите паѓаат многу малку во текот на целата година и скоро никогаш во текот на годината нема спас од горештината.

Денес, Далол е напуштен град, но во 1960-та година бил рударска населба. Негова сегашна атракција претставуваат хидротермалните депозити (како тие што се гледаат на сликата). Интересно е да се напомене дека депресијата Афар, каде што е лоциран Далол, е активен вулкански регион, не многу оддалечен од истоимениот вулкан. Па се чини дека тука топлината доаѓа од сите правци, одозгора од сонцето, но и одоздола од земјата.

Тират-Цви во Израел

Тират-Цви е религиски кибуц во Израел, сместен во долината Беит-Шеан и се наоѓа на 220 метри под морското ниво. И покрај тоа што блиската река Јордан го одржува регионот плоден, долината е „испечена“ од сонцето во текот на летните месеци. Во јуни 1942 година, во населбата била забележана највисоката температура досега официјално измерена во Азија – 53,9 степени Целзиусови.

За да се спасат од жештината, жителите често се „потопуваат“ во базени кои се полнат од извори, а секоја куќа е опкружена со големи платна кои прават сенка.

Тимбукту во Мали

Тимбукту има богата и позната историја. Поставен на крстопатот на античките трговски патишта, градот некогаш бил просперитетен образовен центар и од главно значење за ширењето на исламот низ Африка. Иако се’ уште има стабилна популација, како и една од најголемите колекции на антички ракописи во светот, Тимбукту полека го зафаќа пустината Сахара. Ова претставува голем проблем, бидејќи големи песочни дини го надвиснуваат градот, а улиците се често затрупани од наноси од песок  што ги носи ветрот.

И тука температурите знаат да се вивнат, а рекордно се измерени 54,4 степени Целзиусови. Добра вест е што ладните води на реката Нигер се наоѓаат само на околу 20 километри оддалеченост.

Кебили во Тунис

Пустинската оаза во Тунис, Кебили, иронично е местото каде луѓето одат за да избегаат од северноафриканските жештини. Тука барем има палми што прават сенка и вода за разладување. Но, и покрај ова, високите температури не се непознати за Кебили. Живата во термометарот се искачила и до 55 степени Целзиусови, една од највисоките измерени температури во Африка. Градот е живописен и вреди да се посети и покрај екстремните температури. Луѓето живееле тука речиси уште од времето кога модерните луѓе почнале да се движат по Земјата. Постојат цврсти докази дека Кебили бил населен уште пред 200 000 години.

Раб’ал Кали на Арапскиот полуостров

Најголемата непрекината песочна пустина на светот Раб’ал Кали, покрива околу една третина од Арапскиот полуостров. Се протега на територијата на Саудиска Арабија, Оман, Јемен и Обединетите Арапски Емирати. Се разбира и тука е многу жешко. Жешко и суво. Рекордната измерена температура изнесувала 56 степени Целзиусови, а нема ни вода за жедните. Просечните годишни врнежи изнесуваат помалку од 30 мм.

Раб’ал Кали е толку непристапна за луѓето, што не била помината пешки и без поддршка сѐ до февруари 2013 година, кога тоа му успеа на еден тим од Јужна Африка.

Ел Азиза во Либија

На 13 септември 1922 година, Ел Азиза влезе во историјата кога тамошната метеоролошка станица ја забележила највисоката температура директно измерена на Земјата од неверојатни 57,8 степени Целзиусови. Овој рекорд останал 90 години, сѐ до 2012 година, кога Светската метеоролошка организација го прогласила за невалиден.

Иако рекордот на Ел Азиза бил поништен, нема сомнеж дека повторно може да се достигне, бидејќи температурата во лето тука редовно се искачува преку 48 степени Целзиусови. Всушност, во градот Гадамес веќе се забележени скоро рекордни температури.

Долината на Смртта во САД

Сместена во пустината Мохаве во Калифорнија, Долината на Смртта е најнискиот, најсушниот и најтоплиот регион во Северна Америка и го држи светскиот рекорд за највисока директно измерена температура на Земјата со 56,7 степени Целзиусови. Светската метеоролошка организација го прогласила овој рекорд во 2012 година, откако е утврдено дека претходното мерење во Ал Азиза било невалидно.

Иако овој исушен пејсаж се наоѓа на самата граница на подносливост, тука сепак има живот. Ноќе, тука се движат дивите мачки, џуџестите лисици и глодарите, а муфлоните се во потрага по храна во парковите на поголемите височини. Кога ќе падне дожд, цвеќињата излегуваат од своите суви зандани и го покриваат дното на долината со прекрасни цветови. Овде како да постои и магија. Во Долината на Смртта се наоѓаат мистериозни подвижни карпи (како оваа на сликата со големина на диња), кои оставаат трага како доказ за нивното патување – иако никој никогаш не видел како се движат.

Огнените планини во Кина

Огнените планини, кои се дел од планинскиот систем Тјеншан во Кина, веројатно го добиле името по впечатливите ерозии во црвените песочни карпи што наликуваат на пламен. Но, името го носат и од една друга причина – овде е „изгор“ жешко.

Иако тука нема метеоролошка станица што директно ќе ја измери температурата, сателит на НАСА кој има опрема (МОДИС) што може да ја измери температурата на површината на Земјата од вселената, забележил една од највисоките температури што некогаш е измерена – 66,7 степени Целзиусови. Тоа била највисоката измерена температура на Земјата во 2008 година.

Неплодните области во Австралија

Австралија е најсувиот населен континент на Земјата, а најголемиот дел од нејзината внатрешност е пустина. Бидејќи исклучително малку луѓе живеат во тие области, има малку или воопшто не постојат прецизни мерења на температурата. Едноставно не постои причина да се одржува скапа метеоролошка опрема во толку оддалечени области.

Сепак, високите температури се познати и тука, особено во сушните периоди. Во 2003 година, која беше особено сушна, поради Ел Нињо осцилациите од 2002 година, сателитот на НАСА забележил температура од 69,2 степени Целзиусови во т.н. неплодни области во внатрешноста на Квинсленд.

Дашт-е Лут во Иран

Ова е најтоплото место на Земјата. Иранската пустина Лут е област толку сува и ненаселена, што нема никој наоколу што би можал да го надгледува мерењето на температурата.

Бидејќи одржувањето на метеоролошка станица е непрактично, сателитот на НАСА, ја мерел овдешната температура од вселената, во текот на една седумгодишна студија. Во пет од овие години – 2004, 2005, 2006, 2007 и 2009 година, најтоплото место на Земјата било пустината Лут.

Во 2005 година е измерена температура од 70,7 степени Целзиусови, што претставува највисоката, официјално потврдена температура измерена на Земјата.

Поддржете ја нашата работа: