Четиринаесетгодишен индиски средношколец е добитник на наградата на „Google“ – „Влијание врз средината“, за ГПС апликацијата која се грижи за сигурноста на локалните рибари и ја зголемува нивната продуктивност.
Наградата се доделува за проекти кои имаат практична примена во заедницата и ги решават предизвиците кои се однесуваат на околината, здравјето и ресурсите.
Адвај Рамеш е добитник на наградата од 10.000 долари и е еден од 20-те финалисти кои ќе се натпреваруваат за стипендија од 50.000 долари на овогодинешниот саем за наука на „Google“.
Рамеш се надева дека својата апликација „FishErmen Lifeline Terminal (FELT)“ ќе ја развие во уред кој рибарите ќе можат да го носат независно од паметните телефони. Вели дека инспирација му биле вестите за проблемите со кои се соочуваат рибарите од блискиот град Рамешварам. Чести се случаите кога рибарите ја преминуваат Меѓународната поморска граница со индискиот сосед Шри Ланка. Ако ја преминат границата, морнарицата ги приведува, а ги ослободува дури после неколку месеци затвор.
При изработката на апликацијата Рамеш тесно соработувал со Индиската вселенска истражувачка организација како би можел да ги утврди точните поморски граници и направил состав кој ги предупредува рибарите да се вратат во индиското подрачје.
Рамеш сега работи на понатамошен развој на апликацијата и се надева дека во иднина ќе може податоците од апликацијата да ги умрежи со индиската поморска агенција, за да може да ги следат движењата на сите рибари, со надеж дека ќе се избегнат натамошните приведувања на рибарите.