Вилијам Гадори, 15-годишен средношколец од Квебек, Канада верува дека успеал да открие нешто што за археолозите останало скриено со векови – изгубен град на Маите, закопан длабоко во џунглата на Јукатан во југоисточниот дел на Мексико.
Со оглед на тоа дека Маите имале култ кон ѕвездите, Гадори дошол до теоријата дека Маите ги избирале локациите за своите градови според нивните соѕвездија.
Тој проучувал 22 соѕвездија на Маите и забележал дека ако на картата се поврзат ѕвездите од соѕвездијата, обликот на секоја од нив одговара на положбата на 117 нивни градови. Ниеден научник претходно не открил ваква корелација помеѓу ѕвездите и локацијата на градовите кај Маите.
Проучувајќи го 23-тото соѕвездие кое содржи три ѕвезди, Гадори забележал дека само две ѕвезди се поклопуваат со два градови. Според неговата теорија, третата ѕвезда треба да го покажува третиот град на Маите, лоциран на оддалечена непристапна локација на полуостровот Јукатан.
Користејќи сателитски снимки што ги добил од Канадската вселенска агенција кои ги споредил со сликите од „Google Earth“ забележал знаци на постоење на градби на тој дел. Во 2005 година, таа област била уништена од пожар, со што урнатините од градбите станале повидливи на сателитските снимки. Со понатамошна анализа на сателитски снимки од НАСА и од Јапонската вселенска агенција се покажало дека точно на местото посочено од Гадори се наоѓаат пирамидии и 30 згради. Тој не само што открил нов град на Маите, туку всушност се работи и за еден од најголемите.
Гадори го нарекол градот „K’àak Chi”или „огнена уста“ и заедно со Канадската вселенска агенција ќе работи на објавување на откритието во научно списание. Исто така, тој ќе ги презентира своите наоди на Интернационалната научна конференција во Бразил 2017 година.
Археолозите сѐ уште не го истражиле локалитетот, но Гадори добил ветување дека ќе биде член на нивната експедиција при ископувањето.