Еден доста вреден дијамант, за прв пат во својата 300 години долга историја ќе биде продаден. 6,16 каратен, со темно сиво-сина боја Farnese Blue е дијамант кој доаѓа од Индија, а ископан е во 18 век додека траела колонизацијата на Велика Британија.
Дијамантот потекнува од рудникот Golconda кој е извор на многу познати индиски дијаманти кои завршиле во рацете на многу богатите европејци, како и прочуениот Hope дијамант кој францускиот трговец Jean Baptiste Tavernier му го продал на на Луј XIV во 1668 година.
По гилотирањето на Марија Антоанета Хабсбург-Лоренска, дијамантот Hope е украден. Се верува дека го поседувал англискиот крал Џорџ V, а после неговата смрт во 1830 е продаден на Хенри Филип Хоуп, по кој го добил и името.
Преминувал од колено на колено во фамилијата Хоуп за да на крај се искористи за плаќање на семејните долгови. Го купува лондонски трговец и го продава на тогашната компанија Joseph Frankels and sons од Њу Јорк. Конечно во 1909 го купува Картие и го продава на наследничката Евалин Волш Меклин.
Богатата наследничка имала доста несреќи во својот живот. Синот и загинал во сообраќајна несреќа, ќерката умрела од дрога, а сопругот во санаториум. На крајот после нејзината смрт, Хери Винстон го купува целиот нејзин скапоцен накит. Во 1958 година, Винстон го подарил дијамантот Хоуп на Smithsonian Institution, музеј во Вашингтон, каде дијамантот краси една полица и ден денес.
Прекрасниот дијамант Farnese Blue, за чие патување и сопственост низ времето сеуште не се знае многу, најпрво стигнал во рацете на италијанката Елизабет Фарнесе, кралицата на Шпанија како подарок по повод нејзиниот брак со кралот Филип V.
Дијамантот за сите 300 години се наоѓал во Шпанија, Франција, Италија и Австрија, секогаш останувајќи во семејства на кралеви. Според аукциската куќа Sotheby’s, која ќе ја објави продажбата на 15ти мај, поголемиот дел од времето дијамантот бил заклучен во нечиј кралски ковчег.
Освен роднините од кралското семејство и семејните златари, никој друг не знаел за неговото постоење, велат од Sotheby’s. Аукциската куќа вели дека дијамантот е вреден од 3,69 до 5,27 милиони долари, иако не е чудно цената при самата аукција значително да се зголеми. Останува да видиме.