Властите во Сингапур објавија дека планираат да градат 3Д печатени згради за домување и сега се во процес на изработка на физибилити студија.
Ако овој предлог добие зелено светло, секој кат од објектите ќе се печати поединечно, а ќе се составуваат на лице место во стилот на лего-коцките. Целта е да се искористат машините за градба, за да се изградат домови за постарата популација во Сингапур, без да се користи странска работна сила, иако технологијата за развој на бетон за печетење е се’ уште во развој.
Според Центарот за 3Д печатење во Сингапур, пред овие планови да станат реалност, потребно е да создадат „бетон за печатење“ и машини што ќе бидат доволно големи за да може да се печатат деловите за градба, бидејќи засега такви не постојат.
Претходно, една кинеска компанија експериментираше со бетонски агрегати за изградба на сопствени куќи, додека во еден неодамнешен проект во Италија беа составувани домови изработени од глина.
Кога се работи за проектот во Сгапур, нема сите делови да бидат печетени туку само главните структурни компоненти. Во Центарот за 3Д печатење во Сингапур велат дека веќе успешно конструирале згради во стил на хостели, со помош на постоечката метода со монтажните полуфабрикати.
Претставниците на Центарот велат дека 3Д печатените згради (или делови од згради) би можеле да бидат подигнати и готови во следните три години, доколку тие адекватно ја потврдат нивната безбедност. Деловите, чие печатење нема да биде исплатливо ќе бидат поставувани на традиционален начин.
Покрај за изградба на домови, Центарот за 3Д печатење ја истражува и можноста оваа технологија да ја користи и за печатење на воени и медицински објекти.