Евтин материјал што ќе ја исчисти живата од океаните

Нивото на жива што сега го содржат рибите од длабоките води се поврзува со здравствените проблеми и со намалувањето на интелигенција кај децата. Но, сепак и покрај растечкиот проблем со загадувањето со жива, сѐ уште не постои ефикасен начин за отстранување на овој тежок метал во големи размери.

Истражувачите од Универзитетот Флиндерс во Јужна Австралија, направиле материјал од индустриски отпад и исфрлената кора од портокал, кој можеби ќе успее да го постигне токму тоа.

Мекиот желатинозен полимер што тие го направиле, наречен сулфур-лимонен полисулфид, може да ја извлече живата од водата, а што е најважно, неверојатно е евтин бидејќи се произведува од отпадни материјали.

Полимерот е направен од сулфур и лимонен – индустриски отпадни производи кои се лесно достапни, но неискористени насекаде во светот. Само нафтената индустрија  продуцира повеќе од 70 милиони тони сулфур годишно како нуспроизвод, додека цитрусната индустрија исфрла годишно над 70 илјади тони лимонен што се наоѓа главно во лушпата од портокал.

Кога материјалот, кој е со темно црвена боја, ќе дојде во контакт дури и со мали количини на жива, веднаш почнува да го впива металот, при што ја менува бојата и станува жолт. (може да се види во видеото)

 


Истражувачите велат дека спроведените тестирања покажале дека материјалот не е токсичен за околината и тие се надеваат дека наскоро ќе најде примена во чистењето на околината во големи размери.

Тие планираат да најдат начин со него да ги обложат индустриските водвоводни цевки, како и да го направат во вид на блокови кои ќе делуваат како „сунѓери“ во контаминираните води и општо во океаните. Исто така, веруваат дека ќе може да служи и за чистење на почвата.

Истражувањето е објавено во „Angewandte Chemie International Edition“.

ЕНаука.мк
Ви благодариме за секоја ваша поддршка , донација и сугестија BTC=15qk6EUHTeHF9Y6mava8sJFcJVpWXAidK6 DOGE=DNQUB9HjQKpW353XsG44D9X34JhD5YcCXm ETH=0x760607ca70be5720f68c848ede4dd3bc530e032c SOL=E7xEBsmHDcZ7VPzU7ZFYY34mpbpZxnMtRA9nTytDAmJt