Поблиску до лек против опаѓање на косата

Научниците од „Санфорд-Барнам“, Медицинскиот Институт за истражување во Ла Џола, Калифорнија, покажаа дека матичните клетки добиени од човечка кожа може да се користат за раст на коса – барем кај глувците.

Оваа техника ја користи способноста на човечките плурипотентни матични клетки (pluripotent stem cells) да се претворат во речиси која било клетка од телото. Научниците ги претвориле овие клетки во дермални папиларни клетки (dermal papilla cells) кои го регулираат формирањето и растот на фоликулите од косата. Кога  ги  инјектирале во глувци тие предизвикале раст на коса.

Човечките дермални папиларни клетки не се погодни за конвенционално пресадување на коса, бидејќи не можат да се добијат во потребниот број и брзо го губат својот потенцијал за раст.

Оваа метода претставува значителен напредок во однос на сегашните методи за пресадување на фоликули од коса од еден дел на главата во друг. Методата со матични клетки обезбедува неограничен извор на клетки за пресадување од пациентот  и не е ограничена од достапноста на постоечките фоликули од косата. Со други зборови, за разлика од конвенционаното пресадување на коса и останатите третмани што сега се користат, оваа метода овозможува раст на коса кај потполно ќелави лица – за сега барем теоретски. Ако се докаже дека овој пристап функционира и кај луѓе, тоа ќе направи драстична промена во досегашните третмани.

Научниците не ризикуваат да кажат кога и дали оваа експериментална метода ќе биде достапна за користење кај луѓето. Следниот чекор – велат истражувачите – би бил да најдат партнер кој ќе ги финансира  натамошните истражувања.

Истражувањето е објавено на 21 јануари 2015г. во „PLOS ONE“  

ЕНаука.мк
Ви благодариме за секоја ваша поддршка , донација и сугестија BTC=15qk6EUHTeHF9Y6mava8sJFcJVpWXAidK6 DOGE=DNQUB9HjQKpW353XsG44D9X34JhD5YcCXm ETH=0x760607ca70be5720f68c848ede4dd3bc530e032c SOL=E7xEBsmHDcZ7VPzU7ZFYY34mpbpZxnMtRA9nTytDAmJt