Студентите и вештачката интелигенција: помошник или закана за учењето?

Новa анкета на Универзитетот во Франкфурт покажува дека студентите масовно користат алатки со вештачка интелигенција при академско пишување, но нивниот однос кон нив е далеку од еднозначен. Во истражувањето учествувале 4.048 студенти, а резултатите откриваат јасна поделба меѓу практичната корист и стравот од зависност и губење на вештини.

Според анкетата, 89% од студентите користат алатки како ChatGPT или DeepL најчесто за почеток на тема, за идеи и за уредување на јазикот и стилот. Многу поретко ги користат за анализа на извори или за пишување и ревидирање на суштинската содржина, што укажува дека најголем дел од нив се обидуваат да ја задржат сопствената интелектуална улога во процесот.

Сепак, одговорите покажуваат и силна несигурност. Нешто повеќе од половина од испитаниците изјавиле дека со употреба на вештачка интелигенција чувствуваат дека прават помалку самостојно, а 45,5% стравуваат дека ќе им ослабне критичкото размислување. И покрај тоа, 92,2% велат дека самите сносат одговорност за текстовите што ги предаваат, а 78% пишувањето го гледаат како важен дел од учењето и развивањето идеи.

Истражувањето посочува и на напнатост меѓу желбата за контрола и искушението да се препушти задачата на алгоритам. Десет проценти од студентите целосно ја отфрлаат употребата на ВИ, 18% се обидуваат да ја користат внимателно и критички, а 72% признаваат дека понекогаш се во искушение да ѝ препуштат цели задачи. Причините се познати: притисок од рокови, страв од лоша оценка, недостиг на мотивација и тешкотии со академското пишување.

Авторите на студијата сметаат дека универзитетите треба да реагираат со јасни, дисциплински насоки за тоа што може да се делегира на ВИ, а што мора да остане суштинска човечка вештина. Препорачуваат и поширока писменост за ВИ, не само техничка, туку и емоционална и мотивациска, како и посилна поддршка за читање и пишување во рамки на наставата. Според нив, целта не е забрана на алатките, туку нивно критичко и одговорно користење.