Ако не спиете доволно ќе настинете

Дали ви се сличило кога ќе се разбудите, по лошо преспиена ноќ, да почувствувате како ви студи, а после неколку дена, тој студ да се претвори во вистинска настинка? Па што навистина се случува? Се чини дека недоволното спиење може да биде причина за болеста.

Истражувачите од Универзитетот во Сан Франциско и Универзитетот во Питсбург, утврдиле дека постои поврзаност помеѓу недостатокот на сон и настинката. Во своите наоди што беа објавени во списанието „Sleep“, истражувачите велат дека оние кои ноќе спијат шест часа или помалку имаат четири пати поголеми изгледи дека ќе настинат, за разлика од оние кои спијат по седум часа или повеќе.

Истражувачите собрале податоци од 164 возрасни лица во текот на два месеци, преку медицински скрининг, прашалници и интервјуа, за да ги одредат основните фактори, како употребата на алкохол и цигари, стресот и темпераментот. Ги следеле навиките за спиење на учесниците во период од седум дена со помош на сензори, коишто го мереле квалитетот и времетраењето на сонот во текот на ноќта. Потоа, испитаниците биле ставени во карантин, во хотелски соби и преку капки за нос им бил внесен вирус на настинка. Во текот на една недела испитаниците биле следени секој ден, за да се види дали вирусот предизвикал настинка.

Оние испитаници кои спиеле помалку од шест часа биле за 4,2 пати поподложни на настинка, додека тие кои спиеле помалку од пет часа, за 4,5 пати.

„Спиењето ги надминува сите останати фактори кои ги меревме. Не е важно колку се стари луѓето, под колкав стрес се наоѓаат, од која раса се, или дали се пушачи. Кога ќе се земат предвид сите овие фактори, статистички, сепак спиењето е најсилниот индикатор за подложноста кон вирусот на настинка“- вели Арик Пратер, водачот на истражувањето.

Иако многу често се нагласува дека здравиот начин на живот подразбира правилна исхрана и вежбање, истражувачите истакнуваат дека еден од клучните фактори за општата благосостојба е и доволното количество на квалитетен сон.

Поддржете ја нашата работа: