Дебата: Дали медицинските апликации се корисни или штетни?

Здравствени апликации има за се, но дали тие се добри или повеќе штетат? Некои доктори се прашуваат дали овие апликации за само-мониторирање се бескорисни, па дури и опасни. Тие сметаат дека овие апликации не се доволно научно поткрепени и дека постои висок потенцијал за нивна злоупотреба. Некои пак, ги поддржуваат.

Здравствените апликации можат да послужат за многу цели – некои од нив едноставно служат да ги охрабрат луѓето поздраво да живеат, додека други практично им помагаат на луѓето во менаџирањето на одредени состојки како високиот крвен притисок или шеќерот во крвта. Спред истражувањата, на пазарот се достапни  над 100 000 вакви апликации, со десетици милиони корисници кои сочинуваат пазар вреден милијарди долари.

Широката употреба на овие апликации и слабиот надзор предизвикува загриженост помеѓу многу доктори и правници. Истражувачите од Јужниот Методистички Универзитет и Правниот факултет од Харвард, минатата година во „New England Journal of Medicine“ објавија коментар со барање до Администрацијата за храна и лекови, за построга регулација на овие апликации.

Истражувачите наведоа бројни примери на производители чии апликации направиле големи пропусти, како на пример погрешна пресметка на дозата на инсулин кај дијабетичарите.

Неодамна Федералната комисија за трговија мораше да интервенира и ја казни корпорацијата „Хелт дискавери“ со скоро 18 000 долари заради – како што стои во извештајот „неточни и неиздржани тврдења дека нивната апликација „МелАпп“ може да им помогне на корисниците во дијагностицирање или проценка на ризикот од меланома“.

Во својот коментар д-р Хусеин, професор по ургентна медицина на школата за медицина  „Вејк Форест“ во Винстон-Салем, Северна Каролина, зборува во корист на здравствените апликации и вели дека и покрај тоа што многу од овие апликации се непроверени, сепак имаат голем потенцијал „да ја редуцираат стапката на зболувања и смртност“.

На пример, некои апликации за „намалување на тежината“, докажано е дека им помагаат на луѓето да ги остварат своите цели во исхраната и вежбањето – вели д-р Хусеин, кој е и уредник во „iMedicalApps.com“. Тој заклучува дека здравствените апликации се тука за да опстојат,  ги има многу за да може да се регулираат и дека најдобро ќе функционираат во контекст на тоа докторите да бидат проактивни, укажувајќи им на пациентите кои телесни параметри се битни и кои апликации вреди да се преземат.

Од друга страна, д-р Дес Спенс, доктор по општа медицина од Глазгов, Шкотска, има построг став кон здравствените апликации. „Не треба да помешаме повеќе медицина со подобра медицина“ – изјави тој за „Live Science“. Спенс укажува на прекумерната употреба на технологијата во сферата на здравството во целина. На пример, поинтензивното следење на жените за време на породувањето доведе до зголемување на стапката на царски рез, без да се подобрат исходите од породувањето. Минатата недела, Светската Здравствена Организација предупреди дека прекумерното користење на царскиот рез ги доведува во опасност и мајката и детето.

„Технологиите за мониторирање доведоа до зголемен број на непотребни хирушки интервенции и хемотерапија кај ракот на дојка“- додава тој. „Интернетот доведе до пораст на само-дијагностицирањето и претерана употреба на лекови кај цела генерција“.

Дури и навидум безопасните апликации, како тие за следење на дневниот внес на калории или отчукувањата на срцето се иритирачки за д-р Спенс. Малите недоследности како нормалниот пад или покачување на крвниот притисок, варијациите на нивото на кислород или во отчукувањето на срцето, може да предизвикаат непотребен страв и непотребни дополнителни тестирања кај луѓето, вели тој. Не само што повеќето луѓе не се обучни да ги интерпретираат овие податоци, туку и самите уреди се несигурни или недоволно софистицирани да го прават тоа за кое се тврди дека можат.

„Бизнисот со апликациите е фокусиран на маркетингот, а не на медицината и е поттикнат од профитот, што е лош лек за сите нас“- вели тој.

Спенс и Хусеин сепак се согласуваат во едно – дека луѓето што ги користат здравствените апликации мора барем да бидат свесни за потенцијалните ограничувања на овие апликации.

 

Поддржете ја нашата работа: