Акупунктура за намалување на крвниот притисок

Акупунктурата – древна кинеска метода, каде многу тенки игли се боцкаат во кожата како терапија за хронични болки, долго време се сметаше како традиционална форма на медицина, без вистинска научно докажана корист.

Сепак, повеќе истражувања покажале дека ја намалува болката и стресот – а сега дека дури и го намалува крвниот притисок.

Новото истражување, што беше објавено во списанието „Medical Acupuncture“, било направено на 65 лица со висок притисок, кои не земале никакви други лекови за третирање на хипертензијата. Учесниците во истражувањето биле поделени во две групи. Едната група добила електроакупунктура (електрични стимулации со слаб интензитет) на внатрешната страна од рачниот зглоб и под колената. 70 проценти од учесниците забележале намалување на крвниот притисок, а ефектите траеле повеќе од еден месец. Кај оваа група исто така, било забележено намалување на нивото на норадреналин во крвта, хормон и невротрансмитер, кој ги стега крвните садови и го покачува крвниот притисок.

Интересно, се покажало дека локацијата на електроакупунктурата, на пример дали се наоѓа на рачниот зглоб, рацете или нозете, имала голема улога во детерминирањето на ефикасноста. Втората група примила електроакупунктура на надлактицата и долниот дел од потколеницата, но кај нив не било забележано истото намалување на крвниот притисок како кај првата група.

Традиционалните кинески лекари веруваат дека акупунктурата доведува до  урамнотежување на протокот на енергија низ телото. Оваа енергија или животна сила, наречена „Чи“, поминува низ одредени точки во телото, познати како меридијани. Кога акупунктуристот ќе ја боцне иглата во меридијанот, „Чи“ самата ќе се ребалансира. Секако, научната основа за ваквта појава сѐ уште се истражува, но, генерално акупунктурата покажува способност да ги стимулира нервите во тие точки, ослободувајќи хемиски супстанции во мускулите, ’рбетниот мозок и во мозокот. Ова каскадно ослободување на хемиски супстанции и хормони може да влијае на хроничната болка, па дури и на севкупното ментално здравје.

Акупунктурата се користи за намалување на болки во устата, главоболки, мускулна напнатост, па дури и менструални болки. Други истражувања покажале дека ефектите од акупунктурата може да се видат во промена на мозочната активност – посебно во деловите каде се процесира болката.

Но, дали акупунктурата навистина ги намалува болките или се работи за плацебо ефект, сѐ уште е предмет на дебата.

Кога се работи за хипертензија, акупунктурата може да ја редуцира, но само доколу не земете други лекови за хипертензија. Истражувачите сепак нагласуваат дека ќе бидат потребни дополнителни истражувања, пред да можат со сигурност да тврдат дека акупунктурата делува ефикасно како дополнување на останатите лекарства.

Поддржете ја нашата работа: