Археолозите откриле тунел под пирамидата на Месечината

Тим од археолози од Националниот институт за антропологија и историја на Месико, откриле подземен таен тунел под пирамидата на Месечината во античкиот град Теотихуакан, направен од претколумбовска цивилизација.

Тунелот се наоѓа на длабочина од 10 метри и се протега од централниот плоштад  до пирамидата на Месечината.

Археолозите го откриле тунелот со помош на посебна техника на компјутерско скенирање, со која се мапираат подземни структури ( и празнините во нив) врз основа на отпорот што тие го пружаат на протокот на електрична енергија.

Пирамидата на Месечината е висока 43 метри и е втора по големина градба на овој локалитет, после пирамидата на Сонцето. Слични тунели археолозите претходно откриле и под другите градби на овој локалитет.

„Ова откритие е потврда дека жителите на Теотихукан го користеле истиот образец за своите големи градби, а нивната намена би била луѓето да се поврзат со подземниот свет“– вели водачот на истражувањето, археологот Вероника Ортега.

Предколумбовската цивилизација во Теотихуакан постоела помеѓу 1-ви и 8-ми век од новата ера, на околу 40 километри северно од сегашниот Мексико Сити, но сѐ уште не се знае многу за овие луѓе, меѓудругото и зошто нивата заедница исчезнала прилично нагло.

Археолозите сега треба да одлучат дали ќе вршат ископување на овој дел. Отворањето на тунелот би можело да открие поголема мрежа од  премини, како и можни остатоци од владеечката елита на овој атички град.

Околу пирамидата на Месечината се откриени повеќе трагови од погреби и жртвеници, отколу околу другите градби, па истражувачите сметат дека во новооткриениот тунел ќе има многу работи за истражување.

Се смета дека луѓето од Теотихуакан на подземниот свет гледале како на место од каде потекнуваат храната, билките, па и самиот живот, по што може да се види дека овој подземен свет бил од големо значење за тие што живееле на површината, велат археолозите.

 

Поддржете ја нашата работа: