После повеќе од десет години работа, археолози од Природонаучниот музеј во Њујорк, конечно успеале во Мексико да понајдат остатоци од палата на Запотечката цвилизација, која својот врв го достигнала пред 2.000 години.
Научниците веруваат дека палатата, откриена во долината Оахака била главна резиденција на владетелите на цивилизацијата на Запотеките и важен трговски центар- пишува „Daily Mail“.
Според студијата што е објавена во „Proceedings of the National Academy of Sciences”, кралската палата која се протегала на околу 2.790 квадратни метри се користела за повеќе намени. Па така во неа, покрај градбите во кои живееле владетелите, се наоѓале и деловни простории, големи скали, трпезрија, како и места каде се изведувале жртвени обреди.
Комплексот содржел и цистерна во која се собирала дождовница, како и канали преку кои се носела свежа вода и преку кои се отстранувале отпадните води.
Според археолозите, комплексот датира помеѓу 300-тата и 100-тата година пред новата ера.
Ова откритие ја потврдува теоријата дека цивилизацијата од Оахака е една од најстарите во Мезоамерика, многу постара од Ацтеките, наведува „Phys.org“.